Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска се сретна со претставничките на Здружението на лица со Даунов синдром „Трисомија 21“, каде разговарале за предизвиците со кои се соочуваат лицата со Даунов синдром и нивните семејства во секојдневното живеење, како и можностите и условите за нивна поголема интеграција во општеството, пренесува Министерството за труд и социјална политика.
„Денес, пристапот кон лицата со попреченост и нивното вклучување во секојдневниот живот е сменет и бележи голем напредок. Носењето на социјалната реформа значеше голем исчекор напред за сите лица со попречености, нивно вадење од институциите и сместување во мали групни домови, а дополнително со социјалните услуги на локално ниво се овозможува доближување на услугите до корисниците во местото на живеење“, истакна Шахпаска.
Од Здружението Трисомија 21 посочија дека од минатата година функционира и Дневниот центар за лица со Даунов синдром во Скопје, како и дека децата/лицата преку разни активности, настани и проекти се вклучени во општественото живеење, но со оглед на предизвикот кој ни го донесе КОВИД 19 и обезбедување на поголема заштита од ширење на вирусот, овие активности се значително намалени.
Шахпаска посочи дека заложбите на лицата со попреченост со цел нивна поголема инклузија во општеството, разбивање на стереотипите и подигнувањето на јавната свест дека овие лица се дел од нашето општество продолжува и во иднина.