Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска учествуваше на министерскиот состанок „Интеграција на Ромите“ во Тирана, Република Албанија , преку видео обраќање преку кое ги пренесе главните пораки поврзани со темата на министерскиот состанок, соопшти Владата.
„Република Северна Македонија е дел од Меѓународната иницијатива Декада за вклучување на Ромите 2005-2015, со цел намалување на јазот помеѓу Ромите и другите заедници преку креирање на посебни политики, стратегии, програми за нивна целосна интеграција во општеството, а со поддршка на Светска Банка и Фондацијата Отворено Општество. Концептот Едно општество за сите значи вклучување на сите граѓани во креирањето на политиките и носење на одлуки кои обезбедуваат еднакви можности за личен развој и напредок, меѓутоа и создавање на општество кое интегрира, а не создава поделби“, истакна Шахпаска.
Таа додаде дека Владата преку ресорните министерства имплементира Проекти и подготви Законски решенија во решавањето на проблемите и постигнувањето на одредени цели како што се: образованието, вработувањето, усвојувањето на Законот за лица неевидентирани во Матична книга на родени, пилот проектот за Интеграција на Ромите 2020 којшто во моментов се имплементира во Република Северна Македонија, а предвидена е подготовка на Методологија за воспоставување на соодветен механизам за следење и известување за политиките за интеграција на Ромите, преку политики за следење на достигнувањата дефинирани во Декларацијата, со вклучување на Државниот завод за статистика.
„Република Северна Македонија е прва земја во регионот во која ќе се подготвува ваква Методологија која треба да биде во согласност со Декларацијата за Интеграција на Ромите, идентификуваните индикатори од страна на релевантните институции во согласност со Националната Контакт точка и Националната Стратегија за Ромите. Дополнително, оваа методологија ќе биде во согласност со Истражувањето за Роми кое го спроведува Европската агенција за основни права во земји членки на ЕУ, но и во Северна Македонија и Србијa,“ рече Шахпаска.