Собранието вчера со 70 гласа „за“ го донесе Законот за спречување и заштита од дискриминација.
Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, преку видео обраќање, денеска на својот Фејсбук профил истакна дека усвојувањето на овој закон е од исклучително значење пред сè за граѓаните.
Шахпаска додаде дека почитувањето на различностите и градењето на општество со еднакви можности за сите се нејзини приоритети како министерка за труд и социјална политика.
„Усвојувањето на овој закон е од исклучително значење пред се за граѓаните. Јасно ги дефинира основите на дискриминација, вклучително и сексуалната ориентација и родовиот идентитет, во согласност со меѓународните стандарди и европската регулатива. Воедно ја регулира и работата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, како независно тело составено од професионалци од областа на човековите права, еднаквоста и недискриминацијата“, напиша Шахпаска.
Законот обезбедува принцип на еднаквост во заштитата од дискриминација и во остварување на човековите права и слободи. Преку овој Закон земјата се доближува до меѓународните стандарди усвоени од ООН и Европската Унија, а граѓаните добиваат соодветна правна заштита и општество кое ги негува различностите и овозможува еднакви услови за развој за сите.
Измените меѓу другото, предвидуваат членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација да ги предлага посебна Комисија за селекција, составена од седум члена – по два пратеника од власт и од опозиција и тројца претставници од граѓанското општество, наместо тие да бидат на предлог на собраниската Комисија за избори и именувања.