пишува: ДЕХРАН МУРАТОВ
Шарената револуција заврши, но нејзините идеали и ден денес се присутни и се чувствуваат во општеството.
Шарената револуција беше повеќе од фарбање со боја на Триумфалната капија, Собранието, Владата… шаренилото беше во тоа што на протестите присуствуваа и стари и млади, и машки и женски, и хетеро и хомосексуалци, и стрејт и геј лица, и православни и муслимани и атеисти, и Македонци и Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци… едноставно на никој не му беше важно кој од каде доаѓа.
Во една прилика активистот Петрит Сарачини држеше говор на албански јазик пред Собранието на тогашна Репулика Македонија, и еден од демонстрантите почна да дофрлува како може еден „Ш…..р“ да зборува на бина. Во истиот момент неколку демонстранти Македонци му велат – „Господине, вие го утнавте протестот, тие што не ги сакаат Албанците се на другиот контра-протест организиран од ВМРО-ДПМНЕ, тука на овој протест секој има право да зборува што сака и како сака“.
Господинот престана да дофрлува и со наведната глава ја научи лекцијата дека говорот на омраза кон одредена личност или група не беше пожелна и добродојдена на протестите на Шарената револуција.
Симпатично беше и тоа кога некој од демонстарнтите не-роми ќе извикаше „Dza tuke Nikola“ – „Оди си Никола“. Тоа беше потврда дека барањата за права, правда и слобода се разбираа на било кој јазик да се кажат.