Во едно општество, од тие здравите општества, домашното воспитување кон децата од мали нозе е многу важен елемент. Децата се развиваат и надградуваат во духот на воспитувањето во нивните домови, а потоа од опкружувањето и училиштето.
Да, опкружувањето може да ги скршне децата од домашното воспитување, но првичните идеи, ставови за прифаќање на различностите и почит кон истите не може никој и ништо да ги промени ако имаат цврсти домашни темели. Воспитувањето е ланчан процес, родители воспитуваат деца, потоа децата растат стануваат родители, и доградувајќи се го пренесуваат воспитувањето кон нивните деца… Мислам дека некаде, во некој чекор од овој процес имаме голема стагнација во нашето општевство, или можеби така било, а јас не сум приметувала, бидејќи си бев малечка… Денес приметувам.
Многу навреди, гнасотии, омраза по социјалните мрежи, но бога ми и во реалниот свет. А јас, само во некои такви незгодни ситуации влетувам и не сакајќи станувам дел од случките, па како што сум избувлива кога ќе осетам неправда, бунтувам, и тоа гласно.
Пред некој ден влегуваме во банка со мојата мајка, нешто документи изгубила па сега мораме да трчаме по нови. Не дека таа не знае, напротив, таа е многу умна во години жена, стар ков од интелектуалците. Но, ете, староста се препознава со тие први знаци на страв и несигурност. Влегуваме, на двата шалтери двајца различни службеници. Шалтерскиот службеник што работи со нас го чита името и знае дека пред себе има Албанки. Малку се чуди со нашиот беспрекорен македонски јазик (му се чита од мимиките на лицето) но, не знае дека пред себе има пензионирана учителка по македонски јазик и нејзина ќерка која што без предрасуди беше воспитувана да го учи секој јазик што ќе и се даде прилика. Другиот службеник сигурно појма немаше кој и што тоа сме ние. Оддеднаш во банката влегува странка. Младо дете. Зборува македонски, но со акцент, приметливо е дека не му е мајчин јазик. Дечкото се труди-го говори јазикот! Се вметна некако само со прашање, не дека сакаше преку ред да се турне. Си кажа-имам само прашање. Збувна службеникот од другиот шалтер и му одржа долга лекција на однесување. Многу грубо, навредливо, нељубезно и воопшто не наликуваше на однесување со странки. Наликуваше и даваше вибрации на млад човек со предрасуди. А одговорот беше многу лесен, само една реченица требаше да му се каже на клиентот. Настапи збувнување и од страната на младиот клиент, му возврати на службеникот грубо, и службеникот возврати… И тука јас влегувам во сцена, на Албански кон младиот клиент-му ја кажав реченицата на одговорот во многу едноставно-јасен и културен тон. “Благодарам” од него добив. Си излезе тивко, видно навреден и повреден…
Тишина во банката, немаше никаков дијалог, само едно “пријатно” при нашето заминување, фала богу и возвратено.
Млади беа сите, и службениците и клиентот. Само јас и мајка ми не бевме од младите.
Друг ден, постирам јас нешто на Фејсбук, и оп-навреди. Смирувам ситуација. Фрчат пежоративи-“шкије”, “шиптари”, “цигани”, “ѓаури”….Смирувам ситуација се до момент кога успевам да скротам ум. Но, еден таков, нескротлив, продолжува со навредите. Доаѓа до момент кога според него и јас сум една од “ѓаурите”. А овој пежоратив, верувајте, го научив во мојата осумнаесетта годишна возраст, тогаш кога надворешните влијанија допираат повеќе од фамилијарните. Но, никогаш, ама баш никогаш го немам употребено, знам само смешки да правам кога има место за хумор и тоа во тесен, мешан круг. И нејсе, се разбира BLOCK!-на непроменливиот. Си мислам, лесно е во виртуелниот свет, block-и повеќе не го гледаш, не го читаш некултурниот и полниот со предрасуди. Но, како да се справиме со овие тешко променливи и погрешно воспитани поединци во реалниот свет!?