„За да им излеземе во пресрет на сите што имале прекин на работен однос донесовме Уредба што го проширува опфатот на лица кои можат да примаат паричен надомест. Според Уредбата, сите оние кои останале без работа во периодот од 11 март до 30 април, без разлика дали потпишале спогодбен отказ или лична изјава, или добиле отказ од работодавачот, ќе можат два месеца да примаат паричен надоместок“, изјави дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ.
Во гостувањето во „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ, апелираше до лицата кои потпишале спогодбен отказ или дале лична изјава за прекин на работниот однос, да аплицираат во Агенцијата за вработување до 26 јуни.
„Аплицирањето е веќе во тек. Сите оние кои имале прекин на работен однос во посочениот период треба да поднесат барање до надлежниот центар за вработување на Агенцијата за вработување. Рок за поднесување на барањата е 26 јуни. Досега во Агенцијата се пристигнати над 2.300 барања“, наведе Шкријељ.
Таа укажа дека Владата и Министерството за труд и социјална политика обезбедиле брз пристап до материјално обезбедување и за онаа група невработени кои претходно работеле со договор на определено време и кој по сила на закон истекол, а немаат потребен минимум од девет месеци непрекинат стаж или 12 месеци стаж со прекин, за да остварат право на паричен надоместок.
„Затоа го релаксиравме и системот на социјална заштита. Сите семејства кои останале без приход, можат да влезат во системот на социјална заштита и да примаат гарантирана минимална помош. Тоа значи, ако претходно ги следевме приходите на едно домаќинство во последните три месеци за да видиме дали треба да влезат во системот, сега ги гледаме приходите само од претходниот месец. Затоа ги повикувам сите семејства што се нашле во ваква ситуација на ризик, да се обратат во центрите за социјална работа и да поднесат барање за гарантирана минимална помош. Со ова излегуваме во пресрет на оние што се најранливи во нашето општество“, истакна Шкријељ.
Скринингот на вработените во градинките се уште трае, затоа и се пролонгира отворањето на овие претшколски установи.
„Скринингот е се уште во тек. Важно е да се спроведе во сите градинки, бидејќи важно е да знаеме во каква здравствена состојба се воспитувачките, негователкиите и останатиот персонал, со цел да превенираме ширење на зараза доколку има позитивни случаи помеѓу персоналот. Протоколите за работа на градинките се донесени од страна на Владата, градинките се запознати со нив, и штом ќе заврши скринингот, ќе биде донесен датум за почнување со работа. За тоа ќе информираме неколку дена претходно, нема да биде од денес, за утре, за да можат родителите да се подготват, бидејќи предност ќе им се даде на децата чии двајца родителите морат да се вратат на работа. Очекуваме на почетокот на јули да се отворат градинките“, објасни Шкријељ.
Таа ги повика управните одбори на градинките да достават предлог до општините за ослободување од плаќање на сметките за градинка, за месеците во кои градинките не работат.
„Согласно Законот, основачи на градинките се општините. Тие треба на Совет да ја изгласаат одлуката за ослободување од плаќање на минималната сума, на предлог кој до општината ќе го достави Управниот одбор на градинките. Нема никаква законска пречка Советот на општината да ја изгласа оваа одлука, и општините тоа го знаат“, објасни Шкријељ.