Шпанскиот амбасадор во Вашингтон утре ќе го предаде оригиналниот инструмент на ратификацијата, по што Стејт департментот ќе ги извести сојузниците, а потоа од генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ќе добиеме писмо и ние да го депонираме инструментот за ратификација. Откако Република Северна Македонија ќе го стори тоа и официјално ќе стане 30 земја-членка на НАТО.
Ова денеска го појасни шефот на дипломатијата Никола Димитров на заедничката прес-конференција со премиерот Оливер Спасовски, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, кои одржаа прес-конференција, посветена на официјализирањето на нашето членство во НАТО, откако шпанскиот Сенат вчера го ратификуваше Протоколот за пристапување на земјата во Алијансата, а потоа на него потписот го стави и шпанскиот крал.
-Ќе покажеме дека можеме да бидеме достојна земја членка, која заедно ќе го носи товарот и ќе може да ги ужива бенефициите од тоа членство. Честитки татковино, честитки до сите граѓани, порача Димитров.
Премиерот посочи дека овој чин заслужува честитки и признанија и во овие денови на сериозни тешки предизвици.
-Ова е успех за нашата генерација, но и за оние претходните и за идните, рече Спасовски и додаде дека откако ратификацијата беше направена вчера во шпанскиот Сенат, потоа потписот го стави и шпанскиот крал, сега ратификациониот инструмент на Шпанија ќе биде депониран во Вашингтон.