Злоупотребата на јавните ресурси е секоја злоупотреба на средства и добра во сопственост на државата за изборни цели. Изборниот законик е дециден дека од денот на донесување на одлука за распишување на изборите, до нивното завршување, не може да се располага со буџетските средства на Република Северна Македонија, средства на буџетите на општините и градот Скопје, од јавни фондови и средства на јавни претпријатија и јавни установи или правни лица што располагаат со државен капитал на нови објекти во инфраструктурата како патишта, водоводи, канализација, градинки, училишта, спортски игралишта и слично. Односно, не може да се започне изградба.
Ова не се однесува на проекти за кои претходно се обезбедени средства од буџетот, односно се работи за реализација на програма донесена врз основа на закон во тековната година.
Тука, всушност, и се создава најголемата забуна и измама, бидејќи, најчесто, според досегашното искуство, овие проекти кои што се предвидени во програмите, и за кои се одобрени средства во тековната година, се темпираат така што нивната реализација се случува за време на предизборниот период, а им служи на властите да прикажат дека го остваруваат ветеното пред граѓаните.
Исто така, во наведениот период, од распишувањето на изборите до нивното завршување, не смеат да се вршат исплаќања на плати, пензии, социјална помош или други исплати и материјални надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови, кои не се редовни месечни исплати. Забранети се и отуѓувањето на државниот капитал и потпишувањето колективни договори.
Во периодот од 20 дена пред отпочнување на изборната кампања, па се до нејзиното завршување, не може да се исплаќаат субвенции, кои не се редовни месечни исплати.
Исто така, според Изборниот законик, во овој период не може да се одржуваат јавни настани по повод започнување на изградба или пуштање во употреба на објекти со средства од буџетот, при тоа, имајќи предвид дека под забрана за одржување на јавни настани не се подразбира давање изјава на носител на јавна функција или кандидат за носител на јавна функција на митинг, интервју на медиум, дебата на медиум или одговор на новинарско прашање.
Во дадениот период, Министерството за финансии е задолжено сите буџетски исплати, со исклучок на редовните плати, пензии и комунални трошоци, да ги објавува јавно на интернет страна во посебна база за буџетски трошоци во изборен период. Министерството за финансии, исто така, две недели по распишувањето на изборите е должно да поднесува предизборен финансиски извештај во кој ќе биде опфатен преглед на сите планирани и реализирани приходи и расходи од буџетот, поделени по ставки, во периодот од почетокот на фискалната година до денот на поднесување на извештајот, кој се објавува на веб страницата на министерството.
За време на предизборниот период и изборниот ден, за потребите на изборната кампања е забрането користење на канцелариски простор, опрема и службени возила на државните органи, освен лицата на кои се однесуваат посебните прописи за заштита на личноста, како државните функционери на кои со овие прописи им следува лично обезбедување.
За постапување спротивно на одредбите на членовите од Изборниот законик кои се однесуваат на овие прашања, од страна на член на Влада, заменик министер или функционер кој раководи со орган, е предвидена глоба во изност од 1.000 до 2.000 евра во денарска противвредност
М. Ивановска
Со цел да придонесе кон јакнење на јавната свест за правото на глас, како и за нерегуларностите во изборните процеси, ЦИВИЛ започна со серија едукативни текстови за различни аспекти на изборните процеси.
Граѓанките и граѓаните што имаат информации за кршење на правото на глас, злоупотреби, притисоци и други нерегуларности во текот на изборниот процес, можат да пријават на онлајн формуларот Слободни избори или да контактираат со ЦИВИЛ на [email protected], во инбокс на ФБ страницата на ЦИВИЛ или да се јават на 02/5209176.