пишува: МИРЈАНА НАЈЧЕВСКА
Почитувани колеги министри!
На дневен ред имаме исклучително чувствителна тема, од животен интерес за сите нас и директно поврзана со причините поради кои се наоѓаме на овие позиции.
Во прашање се пари. Со жалење морам да констатирам дека, и покрај најдобрите желби и вложените напори во изминатиот период, ни од далеку не успеавме да ги земеме од граѓаните сите пари што можевме. Ситуацијата е сериозна, меѓутоа ги молам колегите да се воздржат од употреба на термини како што се: алармантна, катастрофална, безнадежна или очајна. За овие изрази е задолжена опозицијата. Не би сакале да се повтори немилата ситуација од последната седница на Парламентот. Мораме да признаеме дека претставниците на опозицијата со право изреагираа кога некои наши пратеници многу невнимателно навлегоа во нивните ингеренции. Деловнички, прецизно е дефинирано дека опозицијата е задолжена да очајува и да кубе коси, а партиите на власт треба да бидат позитивни и полни со надеж.
Во таа смисла, ве молам за максимално позитивен пристап кон извештајот за досегашните активности на прибирање пари, и предлозите што ни ги нудат нашите служби. Тоа никако не значи дека сме врзани за понудените решенија. Не треба да ве потсетувам дека водењето на државата е, пред сè, креативна работа и дека токму креативноста е нашата најсилна страна. Кога ја освоивме власта, јасно ѝ дадовме на знаење на јавноста дека нема да дозволиме било кој облик на одговорност да ја ограничи нашата креативност и да нè оптовари со непотребно бреме. Најодговорно тврдам дека одговорноста нема да ни се испречи на патот на напредокот, и дека никакви критериуми, правила и процедури нема да нè врамат во веќе видени клишеа и воспоставени шеми. Ние се гордееме со сите наши решенија. Тие се секогаш оригинални, освежувачки апсурдни и максимално неочекувани за најголем дел од јавноста (а некогаш успеваат да нè изненадат и нас самите). Ништо помалку не очекувам ни во оваа посебна ситуација.
Факт е дека сме многу сиромашни. За жал, и покрај максималните залагања, нашите богаташи сè уште котираат многу ниско на светските листи на најбогати луѓе, а нашата држава едвај врзува крај со крај. Свеста на нашите граѓани е на многу ниско ниво. Тие покажуваат голема доза на себичност и обземени се со минорни прашања поврзани со индивидуалната егсистенција, личниот стандард и сопствените потреби. Жално е отсуството на елементарно чувство кај граѓаните за големината на моментот во кој се наоѓаме. На прсти можат да се избројат тие кои се запрашуваат: што ѝ треба на мојата држава? Како да ѝ помогнам? Што можам јас да направам за неа, а не таа за мене?
Да се вратам на главното – парите. Пред нас имаме сериозна листа од исклучително интересни предлози за собирање пари. Некои од идеите претставуваат продлабочени разработки на веќе постоечки механизми, а некои се сосема нови и сè уште неиспробани. Листата не е затворена и барам ваше активно учество во нејзиното натамошно развивање.
Сè уште е рано да се зборува за приходите што ќе се соберат од примената на новиот Закон за прекршување на јавниот ред и мир, меѓутоа очекувањата се големи. Колегите од Министерството за внатрешни работи ги привршуваат последните обуки – пред да бидат испратени на терен во акција за собирање пари. За пофалба е внесувањето нови, иновативни технологии во целата акција (скриени камери, микрофони, најнови техники на висење од дрво и ѕиркање во спални и сл.). Известени сме дека дел од полицајците поминуваат посебна психолошка обука за провоцирање на граѓаните што би требало да даде брзи резултати во полнењето на државната каса (а сигурно позитивно ќе влијае и на подигањето на моралот на полицијата). Веќе беа доставени и предлози за измени на законот. Како исклучително опасни за јавниот ред и мир се перципиран ненајавените и неорганизирани собирања на големи групи пред аптеките, како и насилното однесување на нашите постари граѓани на овие манифестации. Предлогот за изрекување мандатни казни на сите што возат по дожд е повлечен откако ни беше свртено внимание дека во нашата држава има преголем број сушни денови за ова да биде исплатливо.
И покрај прекрасните кампањи кои многу стимулативно делуваат на секој граѓанин, сè уште имаме застој во остварувањето потполна и апсолутна фискализација. За идниот состанок очекувам извештај за увозот на џепни фискални каси кои требаше по многу пристапни цени да им бидат понудени на питачите. Со задоволство констатирам дека неколку невладини организации поднесоа предлози за тренинг и обука на питачите за соодветно користење на фискалните каси. Можеме да се гордееме што конечно на овие граѓани ќе им биде вратено нивното достоинство и тие ќе станат рамноправи граѓани кои не се срамат од својата работа и ќе можат да придонесат во развојот на државата како и сите останати.
Во вашите папки можете да го најдете и Предлогот за измена на законот за даноците со кој се предлага воведување на данок на сиромаштија. Според податоците со кои располагаме ова може да биде непресушен извор на средства, посебно имајќи ги предвид локалните предности и традиционалното негување на сиромаштијата на овие простори. Според аналитичарите придобивките ќе бидат повеќекратни: а) ќе ги исчистиме од списоците сите лажни сиромашни кои непотребно ги вознемируваат граѓаните со своите демонстрации, седење пред парламент и умирање од глад; б) ќе го стимулираме богатењето и ќе ги поттикнеме сите оние кои од неразбирливи причини не сакаат да се збогатат, да вложат дополнителни напори во таа насока; в) ќе го симнеме товарот за плаќање данок од плеќите на бизнисмените со што ќе овозможиме подигање на рејтингот на нашите богаташи на светските листи на најбогати.
Партиите од опозицијата немаат ништо против тоа Законот да биде донесен по итна и скратена постапка, меѓутоа очекуваме подли, гнасни и приземни обвинувања од нивна страна кога ќе започнат преговорите за распределба на собраните средства. Политичкиот дијалог за поделба на пленот ќе започне веднаш по усвојувањето на измените.
Пред да ја затворам седницата, ги молам сите заинтересирани кои сакаат да иницираат отворање нови министерства да се запишат кај секретарката (по можност со наведување на бројот на министерства и областа во која би сакале да бидат отворени). Исто така молам да ги известите колегите кои не присуствуваа на оваа и на претходните две седници да го подигнат паушалот за присуство, затоа што се создава непотребна забуна во исплатите и не може да биде затворен благајничкиот запис.