Кандидатот на Демократската партија на американските претседателски избори, Џо Бајден, со неочекуван пресврт во последните неколку часа од пребројувањето на гласовите, извојува победа и во сојузната држава Мичиген, јави Си-Ен-ЕН.
Со оваа победа, втора вечерва по Висконсин, Бајден освои уште 16 електорски гласови со што дојде до бројката од вкупно 253, со што до потребните 270 електорски гласови го делат уште 17 гласа.
Аналитичарите на Си-Ен-Ен вечерва јавија дека со очекуваните победи во Невада (шест електорски гласа) и во Аризона ( 11 електорски гласа) Бајден ќе стигне до магичната бројка од 270 гласа потребни за влез во Белата куќа.
Актуелниот претседател и републикански кандидат на овие избори, Доналд Трамп, вечерва соопшти дека побарал судот да наложи прекинување на преборјувањето на гласовите во сојузните држави Мичиген и Пенсилванија.
Џо Бајден, во својот прв јавен настап по вчерашните избори вечерва изрази уверување дека откако ќе се избројат сите гласови, тој ќе биде прогласен за победник во трката за Белата куќа, јави ДПА.
„Јасно е дека освојуваме доволно држави за да стигнеме до 270 електорски гласови потребни за да ја добиеме претседателската функција, рече Бајден од Делавер, истовремено“ истакнувајќи дека тој се уште не тврди дека ја има победата.
„Кога ќе се заврши пребројувањето, верувам дека ќе бидеме победници“, додаде тој.
Бајден вети, доколку победи, дека повторно ќе ја обедини нацијата, дека веќе нема да има црвени и сини држави, и кажа дека земјата мора да престане да се однесува кон политичките противници како кон „непријатели“, пренесе ДПА.
Според денешните проекции на Си-Ен-Ен, демократскиот кандидат Џон Бајден победи во сојузната држава Висконсин, која носи 10 изборни гласови.
Според Си-Ен-Ен, Бајден освоил 49,4 проценти од гласовите, а Трамп 48,8 проценти од гласовите.
Изборниот штаб на претседателот Доналд Трамп веднаш ќе побара пребројување на гласовите во Висконсин.
Трамп победи на претходните избори во Висконсин.
Изборниот штаб на американскиот претседател Доналд Трамп, исто така, најави правни постапки пред Врховниот суд поради нетранспарентност при пребројувањето на гласовите во Пенсилванија.
Претходно Штабот на Трамп поднесе барање да прекине броењето на гласачките ливчиња на претседателските избори и во Мичиген.
Џо Бајден денеска ги повика приврзаниците да дадат финансиски придонес во акцијата на неговата кампања за заштита на изборите во случај на можна правна битка.
– За да се осигураме дека секој глас ќе биде преброен, ние започнуваме најголема акција за заштита на изборите. Бидејќи Доналд Трамп нема да го одреди резултатот од овие избори, туку граѓаните на Америка, рече Бајден на Твитер.