пишува: ЗОРАН ИВАНОВ
За Цивил може многу да се зборува. Да се раскажува цели 20 години. За секој негов ден. За дневните борби на тимот на Цивил. Но за Цивил може и воопшто да не се зборува. Дури може и ништо да не се каже. Самата помисла на Цивил зборува се` за Цивил. Сѐ. Сите 20 годни перманентна, катадневна активност за мир, за права, правда, за правичност. Битки за малиот, за обичниот, за човечност. За социјална правичност и за достоинство на секој човек и за најслабиот и најранливиот.
Цивил е бренд. Без сомнение бренд. Затоа за Цивил може и многу да се зборува, а може и ништо да не се каже. И во првиот и во вториот случај за Цивил е кажано речиси сѐ. Освен, се разбира, интимите, траумите, големите порази и малите победи што тимот на Цивил преку журналистичките лавиринти катадневно ги води со бирократските институции, со неправдите, нееднаквостите, со политикантите. Во тие борби, таму зад завесата сигурно има и многу радости и многу солзи. Битките на Цивил за правда и за правичност е епска. Во тие битки, низ порази и победи, еве Цивил 20 години не отстапува. Не се предава пред неправдите и натаму го крепи и турка обичниот човек во надеж за подобро денес, за него и за целото општество.
Барем тоа е она што се гледа, што е видливо, што се покажува и што се ефектуира со резултати. Не знаеме за нивните солзи од тага кога не успеваат да усреќат некого ниту за нивните солзи радосници кога знаат дека тоа се случува со нивниот влог. Во тој самопрегор на активностите во разни форми на новинарски продукти, работилници, семинари, ивенти и преку што уште не, тимот на Цивил расте преку сопствените искуства. Го прави тоа преку самопрегорот на секој во Цивил, преку несебичното давање во денот, преку тежините што еве упорно 20 години го носат врз своите плеќи. Ете, затоа за Цивил може да се зборува, може и да не се зборува. Доволно е да се каже или само да се помисли на Цивил и за Цивил ќе се знае сѐ.
Освен една енигма. Една мала крупна непознаница за да се додефинира брендот. Дали е бренд Цивил или е тоа нејзиниот лидер Џабир. Јасно е, секому е јасно дека е тоа сосема исто. Дека Џабир Дерала е Цивил и дека Цивил е Џабир Дерала.
И дека брендот е Цивил и дека брендот е Дерала. Едно те исто е.
Доволно е само Цивил. Или сосема доволно е само Џабир. До околностите е.
Дерала & Цивил. Сеедно е, нели?
Па да, симбиоза е тоа.