пишува: МИРЈАНА НАЈЧЕВСКА
Една моја ФБ пријателка ми напиша: „Штом ќе се влезе во политика… не може да е сѐ црно или бело… и така да се делува во политика… а вас ќе ве видиме допрва колку ќе бидете принципиелна кога ќе гласате во парламент… личните ставови може само дома да си ги изнесувате… ама во парламент мене… и илјадници како мене ќе претставувате… што значи дека никојпат веќе своја нема да бидете… ниту морална 100%… ниту принципиелна…“
Слично објаснување имам слушнато веќе стотици пати од мои блиски пријатели кои станаа функционери и пратеници и директори и советници во Влада и министри и… Велат, политиката бара компромиси и отстапки од принципите. Политичарот мора да отстапи од своите лични убедувања. Пратеникот не може да ги промовира истите вредности и заложби во Собранието како што го правел тоа надвор од него…
Јас лично мислам дека ова е финтата која политичарите им ја продаваат на граѓаните кога сакаат да ги оправдаат постапките со кои ги кршат претходно прокламираните принципи и се откажуваат од вредностите кои претходно наводно ги промовирале.
Кога станува збор за вредностите и принципите треба да се има на ум дека станува збор за општа рамка во која вообичаено се вклопува делувањето на одредена личност. Не станува збор за конкретна активност или релација или став, туку за најшироко поставен вредносен концепт.
Доколку политичарот навистина има изграден вредносен концепт, тогаш е многу лесно, секоја активност која како пратеник или функционер ја презема да се базира на истиот, да произлезе и да се вклопи во општата рамка.
На пример, доколку пратеникот како свој вредносен систем го има прифатено концептот за човековите права, секоја одлука, секое дејствие, секој настап тргнува и завршува со човековите права. Нема зошто да се кршат принципите или да се негираат вредностите. Едноставно се практикуваат. Само така може да претставуваш илјадници, а не сопствен или интерес на тесен круг.
Политичарот кој вели дека заради донесување на политички коректна одлука го прекршил она што го претставувал како сопствен принцип или вредносен систем пред да биде избран на соодветната позиција, едноставно лажел дека навистина ги застапува тие вредности и се придржува до тие принципи.
Не постои ниту една одлука која е надвор од нечиј вредносен систем. Одлуките кои се донесуваат се едноставно одраз на вредносниот систем на тој кој ги носи. И, не станува збор за несовпаѓање меѓу теоријата и праксата, туку за изнаоѓање начин одлуката која се носи да биде во рамките на вредносниот систем кој се прокламира.
На пример, треба да се донесе одлука за промена на Законот за извршување.
Политичарот чиј вредносен систем се базира на концептот за човекови права ќе гласа против секој законски предлог кој дискриминира, кој го нарушува достоинството на човекот, кој ја загрозува егзистенцијата на луѓето… Едноставно.
Или, треба да се донесе одлука за ребаланс на Буџетот на државата.
Политичарот чиј вредносен систем се базира на концептот за човекови права ќе гласа против секој ребаланс кој значи намалување на средствата кои се издвојуваат за здравство, за социјала, за образование, за заштита на животната средина. Бескомпромисно.
Или, треба да се донесе одлука за промена на Законот за основно образование.
Политичарот чиј вредносен систем се базира на концептот за човекови права ќе гласа против секоја промена која се прави без да се слушне мислењето на засегнатите субјекти (ученици, родители, наставници). Принципиелно.
Или …
Не се менуваат луѓето кои доаѓаат на одредена позиција и не прават компромис меѓу своите идеали и реалните можности. Само се симнува маската која ја носеле тие луѓе пред да дојдат на соодветната позиција.