Светскиот ден за борба против сиромаштија – што беше тоа? Колку таа борба е вистинска и дали нашите институции се борат со правото „оружје“ за откоренување и поразување на сиромаштијата?
Пред неколку дена осамна графит кој беше напишан на една импровизирана дивоизградена куќичка на една бездомничка во Скопје. Врз картонскиот зид на бараката беше напишано „Вештерка“.
Не знам дали таа женичка е писмена да прочита какво мислење имаат некои граѓан(к)и за неа, но јас знам дека солидарноста и хуманоста кај нас одамна ја изгуби битката со омразата. Не знам кој ја оставил оваа порака и која му/и е целта.
Надлежните институции засега молчат, не преземаат мерки за згрижување на таа жена.
Денес гледам дури и премиерот Зоран Заев (како да е во предизборна кампања) во една видео порака истакна дека е време да се намали и искорени сиромаштијата во Македонија. Одлично, тоа и треба да е приоритет на една држава… ама за жал, сиромаштијата постои.
Сиромаштијата е на секое ќоше, семафор, парк… Можеби политичарите не ги забележуваат гладните и боси граѓан(к)и и деца кога со 200 километри на час поминуваат со своите блиндирани и затемнети мерцедеси! Во изминатиов период речиси секој ден во државата престојуваше по некој странски политичар, и нормално, сите патишта и семафори се блокираат за да помине делегацијата. Меѓутоа, дел од полициските службеници покрај тоа што го регулираа(т) сообраќајот и безбедноста на политичарите, тие се погрижуваа и да ги тргнат од семафорите лицата што просат или мијат шофершајбни, за да не ги видат тие „од горе“!
Ете така сиромаштијата секој ден ја туркаа(т) под тепих, да ја зачистат „куќата“ пред странските гости веќе 27 години. Сега сиромаштијата се наталожила, почнува да мириса на сите страни, колку и да се бута под тепихот врз кој газат тие, „големите“.