Еден ден по завршувањето на јавната расправа во Собранието за Законот за јавно обвинителство политичките партии останаа на своите ставови и пред утрешната закажана средба на работните групи.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, на денешната средба со новинарите кажа дека усвојувањето на законот за јавното обвинителство зависи од волјата на парламентарниот состав и тој веднаш ќе го стави на седница ако го има потребното мнозинство.
Премиерот Оливер Спасовски, на денешната прес-конференција во Владата, во однос на јавната расправа за Предлог-законот за Јавното обвинителство, истакна дека тој и Владата се апсолутно против какво било законско решение кое ќе оневозможува водење кривични постапки против кого било, туку напротив да имаме законско решение што ќе овозможи правда за сите, секој подеднакво да одговара пред законските решенија и со тоа да покажеме дека имаме навистина европски вредности.
Тој нагласи дека е важно да се донесе законско решение што ќе значи пред се овозможување правда за секој еден граѓанинин во државата и законско решение, како што рече, кое нема да дозволи штитење на кој било поединец без разлика дали е тој сега дел од оваа Влада или бил дел од претходната Влада или бил на која било позиција во државата или е обичен граѓанин.
И лидерот на СДСМ, Зоран Заев изјави дека очекува договор за законот за јавно обвинителство, затоа што, како што вели, тоа ја гарантира европската иднина на државата. „Секое попречување на овој процес значи бегање од правдата и оддалечување од Европската Унија. Да покажеме вистински демократски капацитет за градење на силни и независни институции, кои ќе се борат против криминалот и корупцијата“.
Дехран Муратов