Од кога датира стигмата врз ЛГБТ заедницата, кој ја стега како обрач врз оваа општествена група на луѓе и што можеме ние да направиме за да ги срушиме ѕидовите?
Секогаш кога ќе се соочам со дискриминирачка објава на социјалните мрежи, како сведок на омаловажување во секојдневна ситуација, пред тагови со говор на омраза среде јавен превоз или негде во некоја улица врз фасадата на зградите – постојано вртам околу овие прашања. Хомосексуалноста, бисексуалноста, транссексуалноста и квир културата не се ништо, ама баш ништо ново. Не се ни ексклузивитет за Homo Sapiens. Во 2005 година Bruce Bagemihl диференцирал дури 450 видови на живи суштества со хомоеротски практики. Бидејќи и по обичај сакаме и знаеме да „копаме“ во антиката – лесно е да се докаже, да се покаже постоењето на двојки со ист пол дури и кај оние со „сина крв“, без притоа истите да бидат предмет на потсмев, предрасуди или вербално и физичко насилство.
Овие денови малку „копав“ и јас и се потсетив на Sappho, старохеленска поетеса од островот Лезбос која живеела со повеќе девојки. Терминот „сафизам“ е помалку познат, но произлегува баш од Sappho која отворено зборува во своите поеми, т.е. во фрагментите кои се пронајдени, за привлечноста што ја чувствува кон девојките. Ќе ве поштедам од историските личности за кои е докажано дека биле бисексуалци, за да можам да преминам на она што го стега обрачот околу овие луѓе.
Од XIII век наваму, црквата ја почнува црната кампања против правото што ни го дала природата, право на ориентација. Немојте да мислите дека е врвно постигнување за сите сексот да се преведе во зачеток. Никогаш не било. Но нè убедувале во тоа со векови. Сексот е момент на привлечност, на страст, на спојување без оглед на тоа дали ќе резултира со бременост. Сексот е момент на подеднакво уживање и на двајцата партнери и воопшто не е срамно да се признае дека сите имаме потреба, дека едните не се овде за да ги исполнат желбите на другите, туку за да се исполнат еден со друг со една поинаква приврзаност. Од еден физички императив правиме ексклузивитет, го ставаме на пиедесталот на табу – теми, го покриваме со превез како никој освен нас да не знае и да не прави ништо во кревет (или во кујна, или надвор – не е ни важно), сè што можеме да погледнеме преку призмата на сексот го гледаме со лакомост, гадење или презир наместо со доза на нормалност. Така, градите на жените кои дојат ви се срамотни и провокативни (оти ги врзувате исклучиво со сексот), геј двојките ви се одвратни (оти не можете да се спречите да го визуализирате актот на физичко сплотување како единствен столб на врската и затоа грешите), а лезбејките ви се возбудливи и спремни сте да им изнудите сензуален контакт за да ви се иригира меѓуножјето (во случајов, доминантно мажите имаат ваков однос).
Секако дека погоре генерализирав, и секако дека е намерно за да воочите дека не само хомосексуалните, туку и хетеросексуалните двојки не ги познавате, иако се идентификувате со нив. Не знаете дека сексот не е само љубов и љубовта не е само секс, дека не само вашите ориентации се правилни и издржани (по чии правила, да ми е да знам?), дека улицата не ви припаѓа само вам, дека светот го делиме сите, го градиме сите, го рушиме (за жал) сите.
Дека потребно е коренито менување на наставната програма каде ќе престанеме да едуцираме деца полни со предрасуди и страв, кои утре ќе бидат исфрустрирани зашто сме ги затвориле во нашите мозочни ќелии кои некогашното образование се погрижило да ги стесни до задушување, дека нема универзален начин на љубов, на секс, на живот во двојка, дека нема стандардно семејство, дека квир денес сме сите ние ако се водиме по писанијата од вчера дека водењето љубов е правилно само во мисионерска поза, дека правото на едните не смее да ги попречува слободите на другите и обратно. Знаете ли дека се/ги доведовме во ситуација некогашните навреди да ги користиме/користат како епитети за да не болат толку? Знаете ли дека розе триаголникот е симбол од нацизмот, како и шестокраката ѕвезда за да се жигосаат луѓе кои не се вклопувале во онаа Германија на Хитлер, и дека денес тој розе триаголник е еден од симболите на ЛГБТ, зашто некогаш некого го чинел здравје, па и живот? Терминот “gouines” во Франција е употребуван пежоративно, но во 1971 година движењето “Gouines rouges” му дава сосема друга конотација кога група левоориентирани жени под ова име расправа секои две недели за различни домени кои ги засегаат жените.
И? Од кога датира стигмата? Па, не толку одамна, очигледно. Секако не од времето на антиката, ќе се согласите.
Кој ја стега како во обрач ЛГБТ заедницата? Неинформираноста, пред сè. Дури ми е проблем понекогаш да зборувам за ЛГБТ како за посебна категорија. Дел се од општеството и подеднакво придонесуваат за негов развој, нивните права не треба да се посебни права, туку просто почитување на Човековите права, ништо повеќе и ништо помалку. Бракот и брачната заедница, недискриминација, никакво насилство, никаква стигматизација. Правата што ги бараат се истите што вие ги уживате секојдневно, без затоа да мора да спаѓате у не знам каква категорија.
Пред некој ден, кога излезе веста за нападот на двојката во Лондон, ме печеа очите од што читав: двојка лезбејки, двојка девојки и слично. Ако беше хетеро двојка немаше да пишува „двојка хетеросексуалци“, нели? Значи имаме работа.
Она што беше нападнато во Лондон, она врз што има 30% пораст на нападите и во Франција за една година не е само ЛГБТ заедницата. Вие сте нападнати. Вашето право на мирен и достоинствен живот. Вашето право на избор дали и каде ќе изразувате љубов или привлечност. Вашето човеково право да постоите онакви какви што сте, искрени со себеси, горди пред другите, мирни со сопствената совест и со светот.
Прајдот е затоа. И тоа е еден од начините да напреднеме во оваа борба. Другиот начин е со промена на законите, и со нивна примена. Третиот, и најважен, е едукативниот систем. Под итно би требало да се работи на тоа младите да бидат информирани соодветно за да можат да изградат здрав став за меѓусебна почит и соработка, без фрустрации и изливи на омраза кон една љубов, малку поразлична од нивната.
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста.
Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.