fbpx
Фото: МИА архива
Фото/ WIkimedia commons

Скандали ја тресат ИВЗ, Реџепи повторно шири говор на омраза

„Од утре си даваме заклетва и ќе се организираме како верници јас сум новиот поглавар на ИВЗ и тоа врз основа на сите внатрешни акти и врз основа на судско решение“, изјави вчера Скендер Бузаку.

Основниот суд Скопје 2 го прифати барањето на исламската верска заедница дека нов поглавар треба да биде Скендер Бузаку, наместо Сулејман Реџепи.

Одлуката на која се повикуваат се вели дека е донесена врз основа на записник од вонредна седница на Ријасетот на ИВЗ одржана на 30.03.2019, на која била констатирана неотповиклива оставка на поглаварот на ИВЗ, Сулејман Реџепи, која тој, според документот, ја поднесол на 25 март оваа година. Според записникот, на истата седница на Ријасетот одржана на 30 март, била донесена одлука за избор на Бузаку за нов реис ул улема на ИВЗ. Бузаку рече дека заедно со него во ИВЗ влегла и финансиската полиција. Тој вели дека е новиот поглавар на ИВЗ и дека од денеска ја почнува работата.

Полиција и специјални единици на МВР синоќа го обезбедуваа редот пред седиштето на ИВЗ кога Бузаку со неколкумина свои приврзаници влезе во просториите.

„Нема пуч. Почитувани се сите внатрешни акти. Да не манипулира тој човек веќе со никого. Се почитуваат сите правила и ИВЗ ја очекува нова ера. Да ве информирам дека ние испративме писмо до финансиската полиција за да ја провери работата во сектори на ИВЗ, односно во финансиското работење. Сега засега не можеме да кажеме ништо повеќе. Од утре ќе бидете информирани за се“, изјави Скендер Бузаку.

Актуелниот поглавар на ИВС Сулејман Реџепи, пак, синоќа свика вонредна седница, по која излезе пред новинарите и кажа дека Бузаку нема никогаш да биде новиот реис. „Не може извршната власт или кој било друг да решава за изборот на првите луѓе на Реисатот“, изјави Реџепи по вонредната седница додавајќи дека избор на нов реис може да се спроведе само со избори во реисатот и дека се останато може да доведе до анархија.

,,Бузаку е отпадник од ИВЗ , па дури и од Исламот , се колнам во Алах, ако е тој муслиман тогаш и кучињата се муслимани“, рече Реџепи.

Тој не ги штедеше ни зборовите за судијката од основниот суд која ја донела одлуката во корист на Бузаку.

„Слушнав дека имала проблеми со здравјето. Не ја жалам, таквите нека починат“, рече Реџепи.

Ваквиот експлицитен говор на омраза не е изолиран случај кога станува збор за Реџепи и неговите настапи во јавноста. Неодамна ЦИВИЛ – Центар за слобода остро ја осуди изјавата на поглаварот на ИВЗ кој за своите сограѓани рече дека се „дивјаци и луѓе без идентитет“.

ЦИВИЛ потсетува дека однесувањето на Сулејман Реџепи, како и многу пати досега, се коси со начелата за кои се претставува дека се залага. Уцени, поддршка на режими кои брутално убиваат новинари, како што беше случајот со новинарот Кашоги, уцени со враќање на имоти за поддршка на изборите, попречување на донесувањето на закони, како оние за абортус и антидискриминација, објавување лични фотографии на кои се наоѓа тој и малолетни членови од неговото семејство на кое држат оружје во рацете…, се само дел од ваквото однесување на Реџепи, на кое сведочиме со години. Однесувањето на Реџепи е крајно неприфатливо и мора веднаш да престане!

ЦИВИЛ бара од Министерството за внатрешни работи и од Јавното обвинителство да реагираат веднаш и да го повикаат Реџепи на одговорност! Законот мора да важи за сите подеднакво, па и за Реџепи!

М. Ивановска

 

 

Print Friendly, PDF & Email

CIVIL MEDIA NEWSLETTER