Ден пред празникот. На „Симпо“ сум, чекам автобус за дома. По 24 минути доаѓа „24 – ката“. Влегувам. Речиси празна е.
Во дното од автобусот седат двајца господи, од левата и од десната страна. Автобусот го плаќам со телефон. Додека чекам апаратот да „ме откуца“, автобусот тргнува. Ме откуцува. Движам кон дното на автобусот. Седнувам на седиштето пред господинот кој седи од десната страна, гледано од позиција на шоферот. Инаку, човеков зад мене е сериозно пристојно облечен: бела кошула со црна лептир машна, сиво сако, црни панталони, шешир на главата и супер изгланцани кондури. На лицето насмевката само му зборува. Се гледа дека е некој харизматичен човек, од прва.
Одеднаш на општо изненадување господинот, кој седи наспроти нас од левата страна на „24 – ката“ гледано од позиција на шоферот почнува да си ги сече ноктите на нозете. Онака баш си ги извади кондурите, потоа чорапите и почна да си ги средува ноктите од стапалата во градскиот превоз. Двајцата се загледуваме во него. Човеков кој уредно и сосем нормално си ги средува ноктите од стапалата во градскиот превоз ја крева главата и гледа дека го зјапаме. Изразот на лицето му е „шо е бе, шо зјапате“. Двајцата, сосем случајно, синхронизирано, го тргаме погледот за 90 степени и во исто време се поместуваме на седиштето кое е до прозорецот. Непристојно е да се зјапа во други луѓе кои прават сосем нормални работи во јавност, така ме воспитуваа од дома додека бев дете.
По кратка пауза продолжува да се слуша звукот на грицкалката. Штрак – штрак – штрак … и додека гледаме низ прозорот пристојниот господин и јас, автобусот застанува, кај Градежен факултет. Господинот кој си ги сечеше ноктите на брзина си ги облече кондурите, чорапите ги држеше во рака бидејќи немаше време да ги облече и нив и слезе на станицата кај Градежен. Автобусот тргна. Другиот господин, оној пристојно облечениот, шоферот кој вози и јас сме единствените во 24 – ката. Господинот од зад мене ми поставува прашања од зад грб. Очи во очи не се гледаме.
– Колку според тебе е слободно Скопје?
– Од колку до колку? – возвраќам со насмевка на лицето.
– Од 1 – 5. – ми вели.
– Ти што мислиш? – го прашувам.
– А, ти? – прашува тој.
– Јас не мислам ништо. И лично сметам дека тоа е најголемиот проблем.
– Во врска Скопје?
– Во врска со се’, па и со Скопје. – одговарам.
– Ти го сакаш Скопје? – ме прашува.
– Сакањето на некое место е релативна категорија. Скопје се разбира дека го сакам. Тука сум роден, тука сум растен, тука ми се децата – семејството, фамилијата, тука ми се другарите, другарките. Во Скопје работам, значи во Скопје ми е се’.
– Работиш ли да го ослободиш Скопје?
– Работам, и сметам дека тоа е бадијала.
– Зошто?
– Бидејки во денешно во Скопје ништо не е по заслуга, за жал. Мораш да познаваш некого за да завршиш некаква работа. И не само во Скопје.
– На пример? – ме прашува.
– Кога ти последен пат си видел Скопје да му се обрати на светот? И, доколку со видел, кажи ми со што?
– Не сум видел. Дали тоа значи дека Скопје не е слободен град?
– Не знам што значи. Ама што и да значи не е добро нашиот град да е единствен во светот во кој не се случува нешто со кое ние му се обраќаме на светот, а воедно и го каниме да дојде во Скопје, на тој настан.
– Скопје и тоа како е слободен град. – ми вели господинот чие лице уште не можам јасно да го видам, а и ми одговара оваа мистична комуникација. Моментално сме на КИМ.
– Можам да гарантирам со сигурност дека Скопје е слободен град. Колку луѓе живеат денес во Скопје, односно, колку луѓе функционираат во текот на едно деноноќие низ Скопје? – ме прашува човекот.
– Над 500 000.
– Секој ден? – прашува.
– Секој ден. – одговарам – Без викенди. Викендите се и побројни. – се смееме и двајцата.
Автобусот застанува на Рекорд. Гледаме надвор, уште не можеме да се видиме.
– Колку луѓе се на број овие што протестираат во „Жена парк“? – прашува господинот.
– Околу 30 – 40. -одговарам.
– Ок. 30 – 40 луѓе имаат право да го блокираат цел град и тоа во време кога сите се враќаат од работа и брзаат за дома, одат да си ги земат децат од градинка за да не стојат таму сами, брзаат за да направат ручек и така натаму, значи овие 30 -40 луѓе блокираат над 500 000 граѓани. Тоа тебе не ти кажува дека е слобода?
– Слобода е.
– Значи Скопје е слободен град, односно ослободен.
– Ослободен е. – велам.
– Се изгради, односно се гради уште и во 2018 година проектот „Скопје 2014“, се гради, така. – не ми дозволува ништо да возвратам и продолжува пожестоко. – Без при тоа никој да не е прашан од граѓаните на целиот овој град, барем не беа прашани оние ко се со адреса на живеење во Скопје. Да ги праша дали сакаат да се гради таков проект?
– Не ги праша никој.
– Почна веднаш да гради, преку ноќ?
– Почна.
– Значи секој малку помоќен може да прави што сака во градов, така?
– Да.
– Значи дека се чувствува слободен во ова ослободено Скопје и си прави што сака и ќе си гради, што е нормално, за него.
– А, бе, види, тоа со „Скопје 2014“ … – ме прекинува и ми влага во збор уште позажестен.
– Се фрлаат отрови по паркови за да се трујат животинки или луѓе (не дај боже) и останати живи суштества што шетаат низ Скопје?
– Се фрлаат. – велам.
– Тоа значи дека некој може слободно да си купи отров од аптека и да си фрла каде што му душа сака низ Скопје за да одзема туѓи животи од ете, туку – така. Тоа што кажува: дека Скопје е слободен град.
– Да. Тоа значи. – одговарам.
– Се искасапија дрвјата низ, повеќе од пола Скопје?
– Да.
– Значи некој се чувствува слободен во ослободеново Скопје и си ги сече дрвјата кога ќе му текне, а особено тоа му е, односно му беше, онака најфетиш да е после полноќ, за да се пролепша градов, да му изнастава стиропор, да го дозагади уште повеќе, а и, сосем нормално да ги нервира сите, намерно, ама онака да ги нервира од кожа да ги вади, така?
– Да.
– Значи Скопје е слободен град, можеш да касапиш дрвја кога ќе ти текне, да си правиш што си сакаш, око да не ти трепне.
Автобусот го искачува надвозникот кој ги дели Центар и Кисела Вода, кај оние кафеавите згради кои се веднаш после семафорите. Автобусот застанува на семафорите. На раскрсницата има многу луѓе, камери, полиција.
- Што е работава? – ме прашува.
- Не знам. – велам.
Автобусот тргнува. Човекот станува и тргнува да слегува од автобусот. Се врти. Сега веќе и му го гледам лицето. Не знам кој е.
– Загаден е воздухот во Скопје?
– Загаден е.
– Значи … – ме прашува онака даскалски.
– … Скопје е слободен град. – одговарам.
– Фала богу некој да научи нешто. – рече и застана да чека да се отвори врата од автобусот.
– И доколку се сетиш на уште нешто од оваа позитива која ја набројавме, слободно додај ја во листата на „Скопје слободен град“ – ми направи наводници со прстите, показалец и среден од двете раце, ми намигна и слезе од автобусот.
Се симнав две станици подолу, дојдов дома и ја напишав оваа приказна која вие сега ја читате. Како од пушка.