Најавувам дека по одржувањето на локалните избори првата и основна задача ќе ми биде создавање на систем каде нема да има пожари, Скопје ќе биде чисто, а депониите нема да бидат веќе проблем туку решение. Имам План за чисто и здраво Скопје. Имаме комунални претпријатија со илјадници вработени, а немаме кој да се грижи за комуналниот ред, истакна градоначалникот на Кисела Вода и кандидат за град Скопје, Орце Ѓорѓиевски на Фејсбук, додека граѓаните се гушеа од загадениот воздух од пожарот во скопско Трубарево.
Тој, (исто како министерот за внатрешни Панче Тошковски и директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов) се сомнева, дека поголем дел од пожарите кои се случуваат овие денови се подметнати со цел создавање на вештачка криза во општеството во очи на претстојните локални избори.
– Никогаш во последните неколку децении не ни се случувало ова, да се палат ридови и сите ѓубришта во радиус од 20 километри околу главниот град. Овие пожари се со цел да се предизвикаат политички пожари. За жал граѓаните и ние скопјани сме жртви. На ова мора да му се стави крај.
Тој е дециден дека на овој напад против животната средина и против здравјето на граѓаните мора да му се стави крај.
Но што да прават граѓаните до избори? Да се преселат во друга држава? Да не излегуваат надвор? Да не дишат?! И на крај, ќе остане ли (некој жив и здрав) кој ќе гласа ако до избори секој ден е вака?
Дехран Муратов
Фото: Фејсбук Орце Ѓорѓиевски