Слободна зона на ЦИВИЛ денеска со Сашо Орданоски и Џабир Дерала:
„Уште поважно, средбата ќе биде без присуство на – никого! Тоа значи дека ќе се разменат искрени аргументи со неискрени мотиви коишто не можат да се раскажат јавно. Господ знае – „а и Тој работи за МОСАД“ – што ќе си кажат двајцата меѓусебно. Но, самиот тој факт ќе им остави слобода „пред своите“ да го толкуваат разговорот така како што тие сакаат. Тоа на Мицкоски повеќе му одговара, бидејќи околу него и хаосот и потребата од манипулации се поголеми, слично како што – во балансот на стравот и заканата – толкувањата на договорот Груевски-Тодоров е само нивен прерогатив.
Затоа е препорачливо во врска со оваа прва ваква најавена средба да не се негуваат големи очекувања за „љубов и разбирање“. Доколку, сепак, не дојде до потполно разидување во ставовите (што ќе го дознаеме веднаш по средбата, ако фатат да го кршат порцеланот), ќе биде интересно да се видат разликите во толкувањата што ќе се „преточат“ низ блиските медиуми на обајцата.
И двајцата имаат потреба да си помогнат. Прашањето е само дали можат да се договорат. Но, без грижа, цехот секако го плаќаме ние“, вели Сашо Орданоски во денешната колумна Што можат, всушност, да се договорат Заев и Мицкоски?
„За кои вредности говориме овде? За европските вредности говориме! Еднаквост, владеење на правото, социјална и еколошка правда, почитување на човековото достоинство, човекови права и слободи, слобода на изразувањето, еднакви можности за сите, почитување на различностите и антинационализам. Ете, за тоа говориме. Критиката тргнува и завршува кај вредностите. Останатото е пропаганда.
Оние што дејствуваат спротивно на тие вредности, се легитимна мета на прогресивната јавност, без оглед на тоа дали се на власт или во опозиција.
Отсуството на разбирање и искрено залагање за вредностите во општеството, неодговорноста, алчноста, корумпираноста, неискреноста и неписменоста, придружени со мрзата, неписменоста и аљкавоста доведоа до деградација и продолжена агонија на општеството“, вели Џабир Дерала во денешниот РАФАЛ За вредностите се работи!
Денешното издание на Дневникот на ЦИВИЛ можете да го прочитате ТУКА