Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска започна судскиот процес за случајот „Државна лотарија“, во кој поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и уште седум лица се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластување. Според обвинението, со дејствијата преземени во текот на 2023 и 2024 година на АД „Државна лотарија“ ѝ била нанесена штета од 507.632.173 денари, односно околу 8,25 милиони евра.
Предметот го води судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски, а обвинението против осумтемина беше поднесено од Основното јавно обвинителство Скопје на 13 август. Обвинетите се товарат како соизвршители за злоупотреба на службената положба и овластување.
Спорната набавка на видеолотариски терминали
Предметот се однесува на постапките поврзани со набавка на видеолотариски терминали и обидот „Државна лотарија“ повторно самостојно да приредува електронски игри на среќа.
Според Обвинителството, обвинетите биле свесни дека „Државна лотарија“ немала право самостојно да приредува електронски игри на среќа преку видеолотариски терминали. Тоа право, според обвинението, уште во 2013 година било внесено како непаричен влог во заедничкото друштво со „Касинос Австрија“ – Државна видеолотарија, при што вредноста на влогот била 6.244.898 евра, а „Државна лотарија“ се стекнала со 51 отсто од основната главнина.
И покрај тоа, според обвинителните наводи, на 9 мај 2023 година тогашниот генерален директор на „Државна лотарија“ Прпарим Бајрами доставил информација до генералниот секретар на Владата за потребата од активности за самостојно приредување електронски игри на среќа.
На 6 јуни 2023 година, според Обвинителството, тогашниот генерален секретар на Владата Методија Димовски ја предложил информацијата како дополнување на дневниот ред на владина седница.
Токму овие постапки, како и последователните активности околу набавката на терминалите, се меѓу клучните точки што ќе треба да бидат разгледани во судската постапка.
Кои се обвинетите?
Првообвинет е поранешниот генерален директор и претседател на Управниот одбор на „Државна лотарија“ Прпарим Бајрами, кој се наоѓа во бегство.
Второобвинет е поранешниот прв вицепремиер Артан Груби. Меѓу обвинетите се и поранешниот генерален секретар на Владата Методија Димовски, сопственикот на „Ритрон копи“ Артан Ајрули, како и четворица членови на органите/комисиите на „Државна лотарија“.
За Бајрами е побаран притвор кој би се применил по неговото пронаоѓање, додека за Груби продолжува мерката куќен притвор.
Од истрага за проневера до обвинение за злоупотреба
Случајот привлече внимание и поради промената на правната квалификација.
Во истрагата Груби беше осомничен за потешко кривично дело – проневера во службата. Со обвинението, Обвинителството го квалификува случајот како злоупотреба на службената положба и овластување.
Од Обвинителството претходно беше објаснето дека промената на квалификацијата произлегла од доказите собрани во текот на истрагата, кои упатиле на друго кривично дело.
Тоа значи дека судската постапка сега ќе треба да даде одговор не само на прашањето дали имало незаконско постапување, туку и на индивидуалната одговорност на секој од обвинетите.
Груби повторно пред суд
Груби во февруари годинава се врати во Северна Македонија, по што беше приведен на граничниот премин Блаце. По првичниот притвор во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, судот му определи куќен притвор со 24-часовен полициски надзор. Мерката беше продолжена и во пресрет на почетокот на судскиот процес.
Неговото враќање во земјата и последователното поднесување на обвинението го ставија случајот повторно во центарот на политичкото внимание.
Политичка пресметка или судска постапка?
„Државна лотарија“ веќе подолг период е и политичка тема.
ДУИ реагираше на обвинението и побара меѓународен надзор врз постапката, додека од ВЛЕН обвинија дека партијата реагирала дури откако обвинението било поднесено. ВЛЕН претходно јавно го проблематизираше долгото траење на постапката и статусот на Груби.
Од друга страна, политичките обвинувања и партиските толкувања не се доказ за вина. Тоа што останува како задача на судот е да утврди дали обвинителните наводи се поткрепени со докази и дали секој од обвинетите сторил кривично дело.
Со почетокот на судењето, случајот „Државна лотарија“ од политичката и истражната фаза преминува во фаза во која обвинителството ќе треба пред суд да ги докаже своите тврдења, а одбраната ќе има можност да ги оспори.
Пресумпцијата на невиност останува во сила до правосилна судска одлука.
Б. Јордановска












