Бугарското Министерство за внатрешни работи на 14 октомври официјално потврди дека на 13 октомври, во 19:38 часот, преку Интерпол-Скопје добило барање за меѓународна потрага, апсење и екстрадиција на Ива Михаилова. Според официјалното соопштение, во моментот на неговото објавување не била издадена црвена потерница од Интерпол, ниту бугарските власти презеле активности за утврдување на нејзината местоположба.
Михаилова е обвинета за сообраќајна несреќа што се случила на 7 октомври 2025 година, на патот Кочани – Штип, во која загинало едно лице, а тројца биле повредени. Според обвинението, таа возела со недозволена брзина и преминала во спротивната сообраќајна лента. Нејзината кривична одговорност сè уште не е утврдена со правосилна пресуда.
Клучното прашање сега е дали Бугарија ќе ја предаде на Северна Македонија. Бугарскиот устав предвидува заштита од екстрадиција на сопствените државјани, освен во случаи предвидени со важечки меѓународен договор. Европската конвенција за екстрадиција, исто така, овозможува одбивање на предавање сопствени државјани. Тоа значи дека меѓународната потерница не подразбира автоматска екстрадиција.
Михаилова и нејзиниот адвокат тврдат дека заминала во Бугарија поради неопходно медицинско лекување. Македонското МВР, пак, претходно соопшти дека нема евидентиран нејзин излез преку граничните премини.
Во анализата објавена на 13 октомври, ЦИВИЛ МЕДИА нагласи дека правото на лекување, пресумпцијата на невиност и обврската за почитување на судските одлуки мора да се разгледуваат заедно, без политички притисоци и однапред утврдена вина.
Случајот останува отворен на правно, институционално и дипломатско ниво. Од суштинско значење се утврдувањето на околностите на преминувањето на границата, заштитата на здравствените права на обвинетата и обезбедувањето правична судска постапка, со должно почитување на правата на семејството на загинатиот.
ЦМ Деск
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.
Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.
Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.












