пишува: ВОЈО МАНЕВСКИ
Римјаните имале Бог кој се викал Јанус, имал две лица и секој го гледал лицето кое му се допаѓало. Така отприлика изгледа случајот со службеничката од Општина Штип што од дисциплинската комисија доби предлог за прекин на работниот однос. За време на боледување организирала и одржала прес-конференција на својата политичка партија.
Како и да се погледне случајот ја истакнува апсурдноста на етиката на нашето време.
Дали службеничката направила престап?
Читајќи го Законот за јавни службеници од 2014 година, може да се заклучи дека извршила прекршување на законските норми. Дури ако се погледне подобро Законот може да се најдат и други правни основи за нејзиниот случај. Во Законот стои: “службеникот во своите настапи не смее да ја омаловажува институцијата и да го нарушува нејзиниот углед“. Ако така се гледа дисциплинската комисија ќе треба да работи долго и на многу случаи. Не е тешко да се сетиме на настапи на јавни службеници во работно време во корист на својата политичка опција. Другата страна вели: каков е тој службеник што не е член на политичка партија, па затоа и е во партија за да стане службеник, за во производство се потребни други знаења и вештини.
Боледувањето е од лекарот пропишана постапка, а не за работодавецот да контролира. Нашето поимање на боледувањето е некаков вид на одмор кој го користиме како мислиме. Што има врска ако за време на боледувањето си поработиме некоја заостаната работичка по дома или на нива. Такви случаи има колку сакаш. И исто има врска што со повредена рака била на прес-конференција, не копала таму, па да се почувствува на медицинскиот третман. Ама Законот вели дека за време на боледувањето времето треба да се употреби на со документ од лекар препишан третман. А таму тешко дека пишува одење на партиски активности.
Дали овој случај е партиски реваншизам, секако дека е. Затоа што ако бил некој од номенклатурата на власт, до дисциплинската немало ни да дојде, тоа ќе се сметало за пожртвуваност во процес на транспарентност и отчетност на службениците. И дали е политички реваншизам, секако дека не е. Не може со партиска припадност да се крши Законот и да се биде над него, криејќи се зад партијата.
Законот е од 2014 година и секој службеник треба да го знае како „Оче наш“ зошто тоа е основата на неговата работна обврска за која зема плата.
Во правото формирањето на волја е клучен факт, но овде нема вина за службеничката, затоа што најголем дел од нив и немаат многу обѕир кон работните обврски, а посебно кога твојата партија е во опозиција. Зошто да работиш за противникот, твоја работа е критиката на власта и овде нема вина. Е кај нас нашиот Јанус има и уште неколку лица, граѓаните одамна немаат доверба во администрацијата и институциите и ги сметаат за потрошувачи на буџетот или популарно лебарки. Тие граѓани сето ова го доживуваат како партиско препукување од кое ќе излезе некоја спогодба која и не мора да е според Законот, според народната – врана на врана очи не вади. Најтешко сега е на секретарот на општината г-ѓа Соња Китанова која ем мора да го примени Законот, ем мора да гледа на партискиот мир.
Јанусе, Јанусе, кај Римјаните си имал две лица, кај нас ќе мора да носиш и маски, ако сакаш да излезеш со нас на крај зошто има и други богови.