„2018 година беше година во која очекувавме големи промени, имавме големи надежи, но се случија сосема ненадејни околности што беа доста турбулентни“, изјави Мерсиха Смаиловиќ, граѓанска активистка, во разговор за ЦИВИЛ МЕДИА, како дел од серијалот „Перспективи 2019“.
„Она што охрабрува се некои законски измени што настанаа. Се донесе законоот за меѓународна и привремена заштита со кој им се нудат правата на бегалците што би останале во Македонија, и тоа во контекст на измени во делот на човековите права на блегалците. Но, дефинитивно очекувањата беа многу поголеми, затоа и разочарувањето е уште поголемо… Знам дека системот не функционираше, цела една декада во која постојано бевме дискриминирани. Две години беа доволни да се детектираат недостатоците и да почне да се работи на тие недостатоци…, но она што се направи е само утврдување дека има проблем, дека законските норми ги кочат процесите, а каде е решението на проблемите?“, изјави Смаиловиќ.
Според неа, лежерноста на надлежните органи, со која се прифаќа состојбата во која се наоѓаме, е неприфатлива. Во 2019 Смаиловиќ не очекува ништо, сметајќи дека полесно ќе ги прифати сите промени што ќе се случат.
„Во 2017 имавме надеж. Во 2018 станавме реални и така ги согледавме дека нема промени, зборувам за граѓанските активисти, а тоа разочарување, барем мене ме води во депресија…“, изјави Смаиловиќ.
Текст и монтажа: Биљана Јордановска
Камера: Атанас Петровски
Фото: архива на ЦИВИЛ
Овој разговор е дел од серијалот „Перспективи 2019“ во рамките на проектот „Граѓанки и граѓани за слободно општество“ на ЦИВИЛ, со финансиска поддршка од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.