Без ниту едно македонско државно знаме, но со бројни знамиња со сонцето од Вергина, со транспаренти во раце или завиени во знамињата, едвај 20 припадници на Светскиот македонскиот конгрес, денеска напладне протестираа наспроти Министерството за надворешни работи, додека траеше средбата на грчкиот шеф на дипломатијата, Никос Коѕијас и неговиот македонски колега, домаќин на средбата, Никола Димитров. Тие се обидоа да го привлечат вниманието на јавноста, но на протестот имаше двојно повеќе полициско обезбедување, отколку демонстранти.
„Бараме безусловен крај на разговорите за промена на името на државата согласно со Владата во Атина и упатуваме порака дека одлуката на граѓаните е дефинирана со референдумот од 8 септември 1991 година, за самостојна и суверена држава Македонија, без додавки и без придавки. Го отфрламе пристапувањето на Македонија во ЕУ и НАТО, поради грчкиот геноцид врз македонскиот народ, антимакедонизмот на Грција, нацифашистичкото барање на Владата во Атина за промена на името на државата и идентитетот на нацијата“, порача челникот на СМК, Тодор Петров.
Моника Талеска
Фото и камера: Атанас Петровски
Монтажа: Даниела Нисева