Со 64 гласа „за“ Собранието на денешната седница го утврди нацрт амандманот 35 на Уставот, кој гласи: „Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави“.
Само 14 пратеници гласаа против амандманот, а двајца беа воздржани.
Собранието премина на расправа на четвртиот и последен амандман, предложен од опозициската пратеничка група која го овозможи отворањето на Уставот.
Парламентот викендов усвои два нацрт амандмани со кои се предвидува менување на името Република Македонија со Република Северна Македонија. Потоа, во Преамбулата на Уставот зборовите „одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со зборовите „Прогласот од Првото заседание на АСНОМ” и се додава Охридскиот рамковен договор.
Откако ќе зарши оваа фаза, Владата која е предлагач на уставните измени треба да организира јавна расправа.