Владата преку Министерството за транспорт и врски ќе инвестира 70 милиони евра за изградба и реконструкција на локалните патишта во општините што за таа намена немаат доволно финансии, најави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, при денешната посета на општината Арачиново.
Повеќето општини што ги посетил во изминатиот период, како што рече министерот, немале доволно пари од општинските буџети за подобрување на лошата состојба на локалните патишта.
– Секоја општина сама утврдува приоритени патишта што ќе бидат предмет на санација и реконструкција. Во согласност со утврдената методологија, секоја општина ќе има на располагање одредена сума, која ќе може да ја користи исклучиво за реконструкција и обнова на локалната патна мрежа, рече Сугарески, дополнувајќи дека реконструкцијата на локалните патишта ќе биде од огромно значење особено за сите граѓани, како предуслов за подобрување на животот во населените места.
При посетата на Арачиново со градоначалничката Милитие Халими разговарале за инфраструктураните проекти што се реализираат во општината со поддршка од централната власт и за општинските проекти.
Сугарески ја информирал Халими дека со заемот од Европската инвестициска банка преку Министерството за транспорт и врски за општината Арачиново има на располагање околу 100 илјади евра, кои може да се искористат за изградба на канализации и водоводи.
Не само општината Арачиново туку и сите други општини што имаат на располагање средства треба да достават ревидирани проекти за да може да ги искористат парите, порача министерот за транспорт. (МИА)