„Честитки за новоизбраниот претседател Џо Бајден и потпретседателката Камала Харис! Сигурен сум дека ќе продолжиме да ги развиваме одличните односи кои ги имаме со САД и да го продлабочуваме нашето сојузништво во НАТО, но и на сите полиња. Иднината пред нас е светла!“, честиташе премиерот Зоран Заев на Фејсбук, со заклучок дека со победата на демократот Џо Бајден, Северна Македонија доби уште еден голем меѓународен пријател.
Новоизбраниот претседател на САД, Џон Бајден, јасно ја искажа својата поддршка за време на средбата со премиерот Зоран Заев на Минхенската конференција во февруари 2019.
Премиерот Заев на средбата му се заблагодари на Бајдеn, тогаш, поранешен потпретседател на САД, за неговите заложби за успешно разрешување на спорот со Грција и за поддршката на Договорот од Преспа кој го откочи процесот за членство во НАТО на Северна Македонија и им даде сигурност на политиките на земјата за аспирациите за поскорешно членство во ЕУ.
Бајден, тогаш нагласи дека успехот на Република Северна Македонија е успех и на политиките на САД и на Европската Унија, и дека се радува на денот кога ќе биде заокружена ратификацијата на Протоколот и кога Северна Македонија ќе стане еднаков по важност партнер со другите сојузници во НАТО.
Б. Ј.