Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, вчера потврди дека набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР јавно се изјаснила за подготвеноста да испратат набљудувачи за предвремените парламентарни избори.
„Никој не очекува мисијата на ОБСЕ/ОДИХР да биде како што беа набљудувачките мисии пред да се појави коронавирусот. Но, мисија ќе има овде“, потенцираше Заев.
Оваа информација ја потврдиле и оо седиштето на ОБСЕ во Варшава, за Канал 5.
„Ќе дадеме сè од себе. Но, уште чекаме да го слушнеме датумот на избори. Треба да го знаеме официјалниот датум. Ги разгледуваме можностите за распоредување на набљудувачката мисија. Мораме да внимаваме на рестрикциите за патување и здравствената состојба“, изјави за Канал 5, портпаролката на ОБСЕ/ОДИХР, Катја Андруз.
Во нови услови наметнати од пандемијата Ковид-19, ќе работат и домашните набљудувачи. ЦИВИЛ веќе има отворен повик до 15 јуни за дополнителни краткорочни набљудувачи, а долгорочните набљудувачи се веќе реактивирани.
„Мониторингот на ЦИВИЛ подразбира мобилност, посветеност и непристрасност. Краткорочните набљудувачи се активни во текот на изборниот молк, на денот на гласањето и еден ден по гласањето. Функционери и активисти на политички партии немаат право на учество на овој повик. Не е дозволено да се биде набљудувач на две организации истовремено“, се вели во повикот на ЦИВИЛ.
„Голема е одговорноста на граѓанките и граѓаните во пресрет на изборите среде околности како што е кризата со коронавирусот. „Опасноста“ од гласање под изговор дека може да се заразат од коронавирусот, не е помала од реалната опасност по демократијата и функционирањето на институциите“, вели Џабир Дерала, потенцирајќи ја потребата од предвремени парламентарни избори на 5 јули.
Условите и барањата на дел од политичките партии за одржување на изборите се исполнети со потврдата на присуството на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР. Тоа беа условите на ДУИ, Алијанса за Албанците и Алтернатива.
Останува ставот на институциите дека може да се обезбеди гаранцијата за максимална заштита на граѓаните за време на изборите, а со тоа, од понеделник, да се види и како ќе течат изборните кампањи.
Б. Јордановска