Специјалното јавно обвинителство и експерти од земјата и од странство ќе бидат вклучени во работната група за спроведување на реформи во системот за прислушување, односно за следење на комуникации, одлучи Владата на синоќешната 39 седница, јавува МИА.
„Оваа одлука е донесена врз основа на увидената потреба во работната група да бидат вклучени и претставници од Јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, како и експерти од земјата и од странство кои ќе се повикуваат по потреба“, се вели во соопштението од Владата за денешната седница.
Покрај тоа, била донесена одлука за прераспределба на буџетски пари помеѓу корисниците од централната власт и фондовите заради исплаќање на разни обврски.
Владата го усвоила и предлог-законот за изменување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, со кој се менува висината на придонесите за вработените, а се овозможува и задолжително осигурување за индивидуалните земјоделци. Во врска со земјоделците се и измените што ги донесува предлог-законот за изменување на Законот за здравственото осигурување, кој, исто така, бил прифатен на вечерашната владина седница.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.