Преку проектот „Зелените доаѓаат“, со поддршка од Фондацијата Хајнрих Бел од Германија, со регионално седиште во Сараево (БиХ), ЦИВИЛ ги промовираше зелените вредности, преку работилници, инфо-штандови и анкети со граѓаните, низ неколку општини низ земјава.
Зелен ЦИВИЛ ги праша граѓанките и граѓаните во Гевгелија и Неготино колку зелените вредности се негуваат во нивните општини, колку граѓаните се свесни за потребата од заштита на животната средина, што треба да се промени…
Жителите на овие две општини изразија незадоволство од општата сосотјба во контекст на зелените вредности со фокус на чистата средина на живеење, зеленилото, но и свеста кај луѓето за придонес кон заштита на животната средина и природата.
Граѓанките и граѓаните кои ги посетија инфо штандовите на Зелениот караван на ЦИВИЛ во Демир Капија и Неготино имаа можност да разменат искуства и ставови со тимот на ЦИВИЛ на тема зелени вредности, социјална правда и антинационализам.

ЦИВИЛ одржа инфо штандови во Велес, Кавадарци и Градско, каде граѓаните имаа можност да разменат искуства и ставови со тимот на ЦИВИЛ на тема зелени вредности, социјална правда и антинационализам.
Граѓанките и граѓаните учествуваа и во видео анкетата: „Зошто зелено? Кажи го гласно своето мислење!“.
Зелениот караван на ЦИВИЛ е дел од проектот „Зелените доаѓаат“, и е посветен на промоција и јакнење на јавната свест за зелените вредности, социјалната правда и антинационализмот. Социјалната правда и антинационализмот се дел од европските и зелените вредности кои ЦИВИЛ ги застапува во текот на своето 20-годишно постоење, а во изминатите неколку години и во партнерство со Фондацијата.
Зелениот караван ќе заврши со национална конференција посветена на зелените вредности и стратегии, како единствена одржлива алтернатива за општеството и за државата. Зелениот караван е дел од проектот „Зелените доаѓаат“ кој се спроведува во партнерство со Фондацијата Хајнирх Бел.
Минатата недела ЦИВИЛ уште еднаш остро ја осуди полициската бруталност во битолскиот случај, кога полициски службеници претепаа припадник на ромската заедница. Воедно, загрижувачки се зачестените напади, како врз припадниците на полицијата, така и врз лекарите и други службени лица.
„Полицијата мора да биде пример за законито однесување. Згрозени сме од бруталноста на полициските службеници во снимката што беше објавена денеска. Во овој случај, правната држава треба да одреди најстрога санкција според законот. Униформата не смее да биде заштита на насилниците, туку заштита од насилството. Неказнивоста мора да престане – беше ставот на ЦИВИЛ веднаш по обелоденувањето на случајот во Битола на социјалните мрежи на 24 септември. За јавноста е важно да разграничи дека полициската бруталност никако не смее да се поистовети со нападите врз службени лица. Домашното и меѓународното право прецизно одредуваат кога полициската интервенција излегува од законските рамки и преоѓа во пречекорување на овластувањата, малтретирање и бруталност.
ЦИВИЛ ги поддржува изразите на протест против полициската бруталност, како и брзата институционална реакција во која одговорните полицајци остро се санкционирани поради пречекорувањето на службените овластувања“, стои во соопштението на ЦИВИЛ.
На 2 октомври ЦИВИЛ го одбележи и Меѓународниот ден на ненасилството поклопувајќи се со роденденот на Махатма Ганди, лидер на индиското движење за независност и основоположник на филозофијата и стратегијата на ненасилство.
„ЦИВИЛ од своето основање во 1999 година ги следи принципите на ненасилство и заложба за човекови права и слободи. Како организација што се залага за свет во кој сите луѓе живеат во мирно и демократско општество, се бори за надминување на култот кон оружјето и го промовира начелото на потполна слобода на изразување, на Меѓународниот ден на ненасилство им порачува на граѓанките и граѓаните заеднички да ја прошириме пораката за сè поголемата потреба од активно учество во креирање општество кое негува толеранција, меѓусебно разбирање и почитување, градејќи заедници врз принципите на мир и ненасилство во решавање на конфликтни ситуации“, стои во соопштението на ЦИВИЛ.
„Филозофијата и практикувањето на ненасилството во политиката и во севкупниот живот во општеството, секако, подразбира мирно разрешување на конфликтите меѓу луѓето, заедниците и државите. Тоа значи превенција на било кој вид насилство, почнувајќи од физичкото, завршувајќи со вербалното. Ја користам оваа прилика, на Меѓународниот ден на ненасилството, да ја истакнам констатацијата дека живееме во време кога црната пропаганда и говорот на омразата, посредно, а често и непосредно, ги загрозуваат безбедноста, физичкиот интегритет, здравјето, имотот и достоинството на луѓето“, изјави Џабир Дерала, претседателот на ЦИВИЛ по повод Меѓународниот ден на ненасилство.











			





