Емилија Александрова, пратеничката од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија, на собраниската седница за законот за ЈО, побара 15 минути пауза бидејќи не биле повикани на координација кај претседателот на Собранието, Талат Џафери. Координацијата се одржа пред започнување на седницата, која Џафери ја одложи за еден час по барање на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. „Не сме повикани на координација. Не знам зошто е тоа, но се надевам дека не правите поделби на пратеничките групи. По Деловник имаме правно на учество. Барам 15 минути пауза да не известите како се координирате и зошто се координирате“, рече Александрова.
По повеќе процедурални препукувања од собраниската говорница меѓу пратениците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Џафери даде пауза.
Никола Мицевски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, ја обвини министерката за правда Рената Десковска дека не сака пред пратениците да го образложи законот за Јавно обвинителство, кој треба да се донесе по скратена постапка.