Најавата дека Наставничкиот пленум ќе поднесе иницијатива за оценување на уставноста на членовите 13 и 14 од Статутот на Синдикатот за образование наука и култура (СОНК), го вознемири раководството на Синдикатот.
Наставничкиот пленум обвини дека раководството на СОНК го изменило Статутот, за член на СОНК да може да истапи од организацијата, дури три години по поднесувањето барање за истапување?! Според Наставничкиот пленум, раководството сака да оневозможи излегување од СОНК на сè поголемиот број членови-незадоволници, кои реагираат поради работењето на претседателот Јаким Неделков и почесниот претседател Дојчин Цветановски.
Пленумот обвинува како за нетранспарентно трошење средства со барање и за обелоденување на платите на раководните лица и трошоците за репрезентација, така и за начинот на организирање и водење на штрајкот на наставниците, пред две години.
Според претседателот на СОНК, Неделков, Наставничкиот пленум е неформална група, незначајна во образованието, која со лаги и шпекулации се обидува да придобие ново членство, преку напади врз него и Цветановски: „Не можеме да се помириме со фактот невладини организации кои бројат неколку члена и не застапуваат практично никого да бидат третирани исто како репрезентативните синдикати“.
Тој најави и можно поднесување на кривична пријава за клевета против Пленумот и неговиот претседател, поради ширење на лаги и манипулации. Тврдејќи дека иницијативата на Пленумот е да се преземе СОНК, за сè „да се диригира од еден центар“, Неделков изрази жалење што Синдикатот немал „суштинска средба со ресорната министерка“.