Адвокатите на хонгконшкиот медиумски магнат и продемократски активист Џими Лаи (74) побараа од Обединетите нации да го истражи неговото затворање и повеќекратни кривични пријави, изјавувајќи дека станува збор за „правно вознемирување“ со кое властите го казнуваат само затоа што јавно го изразувал своето мислење, пренесува МИА.
Американските медиуми пренесуваат дека издавачот на сега веќе затворениот дневен весник „Епл Дејли“ е еден од најистакнатите активисти уапсени за време на демонстрациите во Хонг Конг во 2019 година против новите закони наметнати од Пекинг.
Постапките на адвокатите на Лаи во Велика Британија уследија по минатомесечната британска најава дека земјата ќе ги повлече своите судии од највисокиот суд во Хонг Конг, бидејќи нивното задржување на функциите ќе го „легитимира угнетувањето“ во оваа поранешна британска колонија.
Лаи е осуден според новиот закон за национална безбедност на Хонг Конг и во моментов отслужува 20-месечна затворска казна, неговиот имот е замрзнат, а во големиот број кривични постапки против него се вклучени и четири други за присуство и поддршка на разни протести, се наведува во соопштението на неговиот правен тим од Обединетото кралство.
-Лаи ризикува да го помине остатокот од својот живот во затвор само затоа што зборуваше и се обиде да ја одбрани слободата на печатот, демократијата и владеењето на правото во Хонг Конг, рече неговиот правен советник, Каоилфион Галагер