Барањето на Косово за статус на гостин е повлечено од дневниот ред на Комитетот за политика на Парламентарното собрание на Советот на Европа, јавуваат косовските медиуми, пренесе ЦИВИЛ Медиа.
Барањето на Косово требаше да биде разгледано на дневниот ред на денешната средба, но на почетокот на седницата беше повлечено.
„Комисијата за политика на Парламентарното собрание на Советот на Европа на отворањето на денешниот состанок во Париз одлучи да ја отстрани точката број 5 од дневниот ред: „Барање за статус на специјален гостин од Собранието на Косово*“, се вели во одговорот.
Парламентарното собрание може да додели статус на специјален гостин на националните парламенти на европските земји кои не се земји-членки, но кои поднеле барање за членство во Советот на Европа.
Членовите на делегацијата на специјалниот гостин можат да седат во Парламентарното собрание, но немаат право на глас. Тие имаат право да зборуваат со дозвола на претседателот на Собранието.
Косово не успеа да влезе во Советот на Европа на почетокот на 2024 година, бидејќи беше условено со создавање на Заедница на општини со српско мнозинство во Косово.
Евентуалното членство во оваа организација би му помогнало на Косово, меѓу другото, во областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата.
Д. Т.