Системот за трансфер на витални физиолошки информации ќе го намали ризикот од смртност на воено поле и ќе го зголеми бројот на спасени животи, порача денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска, на работилницата на НАТО-проектот СИАРС, за развој на современ медицински информациски систем. „Целта е благородна“, рече таа, „а оние кои го ризикуваат животот за нашата безбедност, заслужуваат да се потрудиме да направиме сè, за да го намалиме ризикот што е можно повеќе“.
„Методот е современ, развојот на технологијата често придонесува нашите закани да станат покомплексни и пософистицирани, но во овој случај, модерните технологии се во служба на унапредување на капацитетите на нашата безбедност. Брз и ефективен трансфер на витални информации во кризни ситуации е клучен за справување со проблемот, бидејќи кога се работи за живот или смрт, секоја секунда е пресудна. Информативниот систем кој би можел да го информира медицинскиот тим е вреден за пофалба и поддршка, а македонската одбрана има потреба од иновации“, нагласи Шекеринска.
Според министерката, размената на искуства и технологии е она што ги прави организациите поотпорни на глобалните предизвици.
„Заедничките напори за иновации даваат подобри резултати, а со ваквите проекти се праќа порака дека државата има фокус за заедничка перспектива“, рече Шекеринска.
Амбасадорката на Хрватска во Македонија, Даниела Баришиќ, ја поздрави решителноста на новата Влада во Македонија за, како што рече, спроведувањето на реформите и остварување на стратешката цел – интеграција во ЕУ и НАТО.
„Ние ќе ѝпомогнеме на Македонија во овој процес, бидејќи тоа е добро за самата земја, регионот и НАТО, но и за Европската унија. Кога зборуваат за НАТО, луѓето најчесто го поврзуваат со војската и овие проекти покажуваат дека НАТО е многу повеќе од тоа – наука, истражување, демократски вредности, владеење на правото“, рече Баришиќ.
Според амбасадорот на Словенија во Македонија, Милан Јазбец, оваа работилница е добар пример за тоа како Македонија може да придонесе за НАТО, но и во разбирањето на духот на Алијансата.
Проектот е финансиран од НАТО програмата „Наука за мир и безбедност“.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.