„Историјата се пишува со храбри одлуки. Историја се пишува со компромиси достоинствени и прифатливи за сите страни. Кога сите мислеа дека нема излез, беа преземени чекори што не извлекоа од минатото и безизлезот и ни ги вратија перспективите за нашите инспирации за членство во НАТО и во ЕУ, во нивната полна и сосема извесна реалност“, порача денеска премиерот Иливер Спасовски при посетата на Љубојно и на Преспанскиот крај, со која се одбележуваат две години од потпишувањето на Договорот со Грција.
Со Договорот од Преспа, додаде Спасовски, од тотална изолација на меѓународна сцена направивме пресвртница и ја вративме Северна Македонија на агендата за проширување на ЕУ и добивме членство во НАТО.
„Во нашиот пат кон членство на ЕУ и НАТО, Грција сега не само што не не блокира, туку и го помага нашето забрзано интегрирање. Тоа е впрочем и нивна обврска од Договорот. Односите со Грција никогаш не биле подобри. Имаме значително подобрени билатерални односи, има тренд на зајакнување и на економската соработка. Градиме пријателство и стратешко партнерство со нив и тоа е добро за граѓаните на двете земји. Привршува реализација на новиот граничен премин со Грција – Маркова Нога во Преспа. Зголемени можности за локално население ќе придонесе и поголеми инвестиции во туризмот, во економијата и генерално во развојот. Реактивирана беше железничката линија преку Битола, а во план е отворање и на дополнителен граничен премин со Грција во граничниот предел на општина Кавадарци. Тоа е уште една од можностите за прекугранична соработка и развој на руралните средини од двете страни на границата. Поголема мобилност, поголема соработка и поголем развој“, рече Спасовски.
Според Спасовски, Преспанскиот договор е достоинствен и прифатлив компромис за двете страни. Двете држави, вели, вложија по нешто, но и двете држави добија по нешто исто така од него. Најголемата придобивка, потенцира, е пријателството, заемната поддршка, можностите за градење блиски односи и посилна соработка во иднина.