Mинистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во Конференциската сала во Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија присуствуваше на дипломатски брифинг за активностите на Регионалната иницијатива за миграции, азил и бегалци – МАРРИ.
Дипломатскиот брифинг на МАРРИ традиционално се организира со цел да се презентираат реализираните активности, како и да се претстават плановите за развој на Иницијативата. На настанот присуствуваа претставници од дипломатскиот кор, меѓународните организации присутни во Република Северна Македонија, како и претставници од институциите кои имаат ингеренции во областа на миграциите, информираат од МВР.
Денес одбележуваме и 18 години од постоењето на оваа Иницијатива, откако на 5 април 2004 година во Херцег Нови беше одржан првиот МАРРИ Регионален форум и беше усвоена Декларација согласно која МАРРИ Учесничките се договорија самостојно да раководат со Иницијативата и да одлучуваат за активностите кои треба да бидат спроведени на регионално ниво. Истата година се формираше и Регионалниот Центар со постојана канцеларија во Скопје. Од тие причини денешниот ден не само што би го посветил на МАРРИ, туку и би го нарекол Ден на МАРРИ, бидејќи визијата на сите МАРРИ Учеснички опстојува и во континуитет дава успешни резултати, започнувајќи пред речиси две децении токму на овој ден, рече Спасовски во своето обраќање.
Министерот Спасовски на брифингот истакна дека продолжува заедничката борба против илегалната миграција и потребни се унифицирани законски решенија и усогласени процедури за постапување со цел да се овозможи полесно движење за оние кои се одлучиле или биле приморани на миграција.
Во првите два месеца од 2022 година забележуваме тренд на намалување за 27% на обидите за илегални преминувања во Северна Македонија, спречени се 1.439 обиди, од нив во февруари – 764, а во јануари – 675 обиди. Дури 77% од обидите се спречени на границата со Грција или 1.119 обиди, 280 на границата со Србија, 28 на границата со Албанија, 10 на границата со Косово и 2 на границата со Бугарија. Во однос на земјите на потекло на спречените мигранти, доминираат Пакистан со 351 мигрант, Сирија со 236 и Индија со 211 мигранти, информираше Спасовски. Од друга страна, пак, тренд на зголемување за четири пати се забележува во бројот на откриени случаи на криумчарење мигранти. Или, откриени се 16 случаи на криумчарење на 150 мигранти.
Миграцијата како феномен е регулирана со повеќе закони, а минатата година Меѓуресорската работна група работеше на креирање на Резолуција на миграциската политика на Република Северна Македонија 2021 – 2025 година. Со ова, како што нагласи Спасовски, покажавме дека Владата останува посветена на управувањето на сите релевантни аспекти на надворешните миграции, почитувајќи ги промените во карактеристиките на легалната и нелегалната миграција.
Според него, од круцијално значење е да се направи исчекор напред во однос на усвојувањето на новите основачки документи на МАРРИ, кои го регулираат функционирањето и на Иницијативата и на Центарот. Со овие документи, како што рече, ќе обезбедиме поголема флексибилност на Иницијативата, побрз одговор на потребите утврдени од релевантните институции на учесничките, но ќе дадеме и силен импетус за Регионалниот Центар, како и за самата Иницијатива уште повеќе да раснат и да бидат препознавани како регионален фактор од страна на сите оние кои сакаат да соработуваат во регионот, секако делот на миграциите.
Министерот Спасовски се заблагодари на Канцеларијата на ГИЗ од Скопје за нивната поддршка, потенцирајќи дека Канцеларијата на ГИЗ е главен чинител и во спроведувањето на регионалниот проект за Превенција и борба против трговија со луѓе, познатиот ПаКТ проект, во рамки на кој се дава поддршка на службите надлежни за превенција од трговијата со луѓе и се става акцент на заштитата на жртвите и потенцијалните жртви.
Директорот на Регионалниот Центар Сашко Коцев се осврна на билатералната и регионалната соработка кои бараат постојано конципирање на политики во подрачјата кои директно го засегаат овој регион, измени и натамошно хармонизирање на регулативата, зајакнување на административните и техничките капацитети, продлабочување на соработката на надлежните институции, размена на искуства, заедничко и проактивно работење и соработување.
Преку етаблирањето на Иницијативата во важен регионален чинител, МАРРИ на најдобар начин ја постигнува својата цел – постигнување заеднички регионален настап во адресирањето на популациските движења, како и ефикасна имплементација на правните, институционалните и административните реформи во областа на миграциите, азилот и бегалците, интегрираното гранично управување, визната политика и конзуларната соработка, истакна Коцев.