Лавина од реакции на социјалните мрежи – откако беа споделени фотографии на кои се гледа како на зеленилото пред „Мајчин дом“ во Аеродром се врши сондирање на теренот.
„И покрај реакциите и моите лични заложби во април 2017 година, парцелата пред ‘Мајчин дом’ да не стане градежно земјиште, веќе знаете дека ДУП И10 беше донесен од претходното раководство. Парцелата е приватна сопственост и сопственикот има право самостојно да врши истражувања на земјиштето тука. Општина Аеродром сè уште нема добиено никакви барања во однос на таа парцела. Во моментов, ги разгледуваме сите можни правни механизми за излез од оваа ситуација и наскоро ќе излеземе со повеќе информации за случајот“, напиша на Фејсбук, градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, по реакциите на граѓаните дека на зелената површина кај ‘Мајчин дом’ веќе се вршат испитувања на терен за почеток на изградба на деветкатница.
Во екот на предизборната кампања, токму новиот градоначалник, тогашен кандидат-градоначалник на СДСМ, жестоко реагираше на оваа одлука на претходникот Ивица Коневски.
Да се потсетиме какви идеи понуди тогаш.
https://www.facebook.com/Zlatko.Marin/videos/10212504210341674/?id=100009188761860
Едно од ветувањата на новиот градоначалник на Аеродром, во предизборната кампања, беше токму справувањето со „урбаната мафија“ и редуцирањето на градежните зафати во општината. Но, според зборовите на Марин, судбината на зеленилото кај „Мајчин дом“ кое ги разбранува духовите во општината, и понатаму останува мистерија.
М. Ивановска