Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска имаше средба со новоименуваната амбасадорка на Грузија, Тамара Лилуашвили, на која изрази надеж дека по воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји во 2019 година, конечно ќе почне интензивно да се работи на планот на унапредување и интензивирање на билатералната комуникација и политичка соработка на сите нивоа, соопшти собраниската прес-служба.
Во таа насока, тој искажал задоволство од тоа што во Парламентот на Грузија е формирана тричлена Парламентарна група за соработка со нашето Собрание и потенцирал дека во скоро време и ние ќе одговориме реципрочно на овој чин.
-Џафери го поздрави предлогот за потпишување Спогодба меѓу двете влади за взаемно укинување на визниот режим за носителите на биометриски патни исправи и изрази надеж дека во најскоро време ќе биде потпишана и ратификувана оваа Спогодба и тоа ќе претставува убава можност за подобра комуникација и соработка меѓу двете земји. Ме радува тоа што наредниот месец во официјална посета во Република Северна Македонија ќе дојде Грузиската претседателка и тоа ќе биде одлична прилика за почеток на взаемната политичка соработка на највисоко ниво, се вели во соопштението.
Новоименуваната амбасадорка на Грузија се заблагодарила на можноста за средба со претседателот на Собранието и нагласила дека и претставува чест и задоволство што е именувана како прва амбасадорка на Грузија во Република Северна Македонија. Во таа насока, таа изразила увереност дека во периодот пред нас ќе се создадат услови за отворање и на резидентни амбасади во двете земји, со што нашата дипломатска комуникација постепено ќе се интензивира и ќе биде на посакуваното ниво.
Амбасадорката на Грузија, упатила и официјална покана од името на претседателот на грузискиот Парламент, Арчил Талаквадзе, до претседателот на Собранието Џафери, за официјална посета на Грузија во наредниот период. Исто така, од страна на нејзината екселенција била искажана благодарност за нашата поддршка кон Грузиската резолуција во 2009 година за “Статусот на внатрешно раселените лица и бегалци од Абхазија, Грузија и регионот на Јужна Осетија“. На средбата таа и честитала на земјава за членството во НАТО и изразила поддршка за нашиот пат кон ЕУ.