Еден од најзначајните сегменти во европската интеграција на државата е ефикасното функционирање на правната држава, а независното, непристрасно и професионално судство е најдобар гарант за остварување на оваа цел, истакнал претседателот Стево Пендаровски на денешната средба со претседателката на Врховниот суд на Република Северна Македонија, Беса Адеми.
Претседателот Пендаровски, како што соопшти неговиот кабинет, честитајќи го изборот за претседателката на Врховниот суд, ја нагласи важноста на улогата на Врховниот суд во воедначување на судската пракса преку надлежноста да утврдува начелни ставови и начелни правни мислења, со што се обезбедува единство во примената на законите од страна на судовите.
Соговорниците, како што стои во соопштението, разговараа и за предизвиците во остварувањето финансиска независност на судството, како и за кадровската екипираност на Врховниот суд.
Претседателот Пендаровски ја изрази својата целосна поддршка за независноста на судството и изрази подготвеност за соработка во сите области во кои ќе биде потребно и ќе биде побарано од Врховниот суд.