Се сретнав со мојот колега од Северна Македонија, Бујар Османи во Берлин. И двајцата се согласуваме дека политиката на отворени врати на ЕУ останува камен-темелник за иднината на Европа, нејзината безбедност и просперитет. Благодарни за солидарноста на Северна Македонија со Украина додека се бориме против руската агресија, напиша шефот на украинската дипломатија , Дмитро Кулеба на Твитер.
Met with my North Macedonian counterpart @Bujar_O in Berlin. We both agree that the open door policy of the EU remains a cornerstone for the future of Europe, its security and prosperity. Grateful for North Macedonia’s solidarity with Ukraine as we fight Russian aggression. pic.twitter.com/RbgcXdlScq
— Dmytro Kuleba (@DmytroKuleba) May 14, 2022
Европските перспективи на Скопје и Киев, особено од аспект на импликациите на војната во Украина за безбедноста и стабилноста на европскиот континент и пошироко, беа во фокусот на денешните разговори на шефот на дипломатијата Бујар Османи со неговиот украински колега Дмитро Кулеба на маргините на неформалниот Министерски состанок на НАТО во Берлин.
– Европа и светот се соочени со исклучителни надворешно-политички и безбедносни предизвици од геополитички аспект и наједноставниот пат за демонстрирање на стратешкото лидерство на Европската Унија и нејзиниот кредибилитет е преку ефектуирање на одлуката за почетокот на пристапни преговори со Северна Македонија, заклучи Османи.
На средбата стана збор и за актуелните состојби во Украина, при што министерот Османи и во оваа прилика најостро ја осуди воената инвазија на Русија врз Украина, особено бруталните убиства на цивили, нагласувајќи дека Северна Македонија, како членка на НАТО и кредибилен кандидат за членство во ЕУ има преземено низа чекори и мерки како одговор на руските воени дејствија, информираат од МНР.
Подготви: Д.Мишев