За време на конфликтот во 2001 година, моето најтесно семејство беше мета на искажување на гневот на една група од десетина луѓе. Се собрале десетица мажи коишто не се пријавиле да ја бранат земјата од терористите на УЧК, но решиле самоиницијативно да ни ја запалат семејната куќа, без некоја сериозна причина, освен таа дека сме Албанци. Најверојатно доволно сериозна причина за нив.
За ова дознавме неколку дена подоцна, случајно. Ни кажа еден нов сосед, односно, му кажал на татко ми кога се сретнале на пазарчето. Бил многу вознемирен, бидејќи кога ја градел куќата, се распрашувал за соседите, кои се, какви се и така натаму…и кога му раскажувале, за татко ми не само што немале што лошо да кажат, туку го испофалиле дека нема човек како него! „Да не ни даваше вода од неговиот бунар,ќе немавме како да ги изградиме куќите!“ ( Кога се населуваше местото, немавме водовод). Патем, новиот сосед, како и мажите од гореспоменатата група, беше вмровец. Истиот тој сосед ги спречил во намерата да ни ја запалат куќата. Меѓу групата мажи бил и нашиот најблизок сосед чијашто куќа е на пет метри од нашата. Никогаш не дознавме зошто им се приклучил на другите, бидејќи не го прашавме. А пораснавме заедно, никогаш немаше лоша комуникација меѓу нас, ниту помеѓу нашите родители.
Ова го раскажувам како повод за моите размислувања, и тоа што сакам јавно да го пренесам околу тоа што во овие денови се нарекува помирување.
Моите родители со истите соседи никогаш не престанаа да си живеат, дури, со текот на времето се однесуваат едни кон други како едно семејство, поделено во две куќи. Толку се блиски. Се помирија со фактот дека нивниот син тргнал да ни го запали семејното огниште, без никогаш да му спомнат дека знаат за неговото учество во групата. Најверојатно и јас. Но, од време на време секој од нас си спомнува за тие денови, и се потсетуваме на намерата на соседот. Мислам дека потсвесно, никогаш не ни се врати довербата во него. Од каде да знаеме дека во некоја евентуална прилика, нема повторно да му се пројават деструктивни желби по нашиот имот, или, можеби и животи. Што значи дека штом си приспомнуваме, помирувањето е површинско, а амнестијата за (не)стореното дело не доаѓа во предвид. Само што не можевме да ги пријавиме никаде, бидејќи не ги видовме. Така барем татко ми вели, иако некако дознавме дека татко ми ги видел околу куќата, но до ден денешен не сака да ни каже, за да не преземеме мерки. Кажал на друго место.
Кога се случи насилниот упад во Собранието на 27 април, јавноста беше вџашена од призорите на екраните на ТВ апаратите преку коишто ги следевме случувањата. Јас го доживеав како насилство врз мене, моето семејство и сите граѓани. Како крајно загрозување на безбедноста дури и во мојот дом. Бидејќи, ако толку лесно можеше да се влезе во највисоката законодавна институција во државата, којашто по сите прописи и логики, би требало да биде и најбезбедното место во земјата.
По „успешниот“ референдум на 30 септември, беа потребни минимум 80 гласа за усвојување на предлог законот за измени во уставот, потребни за исполнување на Договорот од Преспа, за промена на името на државата, потребна за пристап кон НАТО па потоа во ЕУ. Бидејќи не се постигна бројката, се пристапи кон едно друго решение, барање гласови од лица со отворени судски постапки, меѓу кои и лица учесници во насилството на 27 април, во замена за амнестија, којашто власта упорно ни ја наметнува како помирување.
Се отиде и чекор понатаму, се формира собраниско тело (група), со подгрупа, за помирување, за да се договорат детално околу тоа кој, како, и под кои услови ќе биде амнестиран, а кој не. Најверојатно. Од самата најава за помирување од страна на премиерот, јавноста се алармира и оправдано се посомнева дека всушност се работи за пазарење – глас, за амнестија.
Дури се отиде и до нови предлози или желби, нека гласаат, и потоа да си дадат оставки. Што е многу лицемерно, бидејќи во тој случај не би се испочитувал договорот што го постигнале пред гласањето, ако предлагачите и нудителите на амнестија – за глас, сепак сакаат да останат „чесни“ во очите на понудениот, што не само што не е смешно, туку е во најмала рака срамно и понижувачко.
Помирувањето и амнестијата во овој случај се очајнички постапки на власта, за исполнување на желбите на Грција, НАТО и ЕУ, притоа заборавајќи на сопствените – првенствено – потреби, потребни постапки за конечно внатрешно средување на хаосот во судството ( читај справување со коруптивното судство и воспоставување ново, неинфектирано, колку е можно) и да не ги редам другите државни институции што се во слична состојба како судството. А потоа и желби. На пример, желбата за пристап кон европската административна и секаква страна, како нормални луѓе, со нормални потреби . Но, за да се пристапи кон реформи првенствено во судството, прво што би требало да се направи е чистење на Владата и Собранието. Генерално чистење. Бидејќи, сите сме сведоци на начинот на формирањето на веќе не толку новата влада, кога заради отсуство на број, се присегна кон коалицирање со крајно корумпирани и коруптивни политички субјекти, што значи дека и тие што присегнаа, се исто така коруптивни и корумпирани, затоа што, како што е повеќе од очигледно, и тие користат коруптивни методи за постигнување на одредена цел и испорачување кон барателите – Грција, НАТО и ЕУ. Очајнички, без достоинство и со преголема цена.
Цената што ќе ја платиме за амнестирањата, е веќе воспоставениот модел на неказнивост, којшто модел успешно продолжува да се аплицира и од сегашната власт, којашто на власт дојде преку масовни протести против, меѓу другото, највеќе за корупција и неказнивост.
Затоа, овој модел на амнестија, првично наречен помирување, за мене е навреда на мојата здрава, некорумпирана, неподатна, непристрасна и граѓанска свесност и смисла, и здрав разум. А верувам и на многу други.
Јас на соседот не му простив што сакаше да ни ја запали куќата, иако тоа никогаш не му го соопштив гласно. Му го соопштувам со секое нивно канење на кафе или комшиско дружење во нивниот дом, со неодење. Тие кај мене доаѓаат, а јас ги пречекувам како сите други, но секогаш со сомнеж дали откако ќе си заминат, во некоја евентуална прилика повторно ќе се придружи некоја група луѓе со насилни намери кон моето семејство и мене, без потоа да биде казнет.
Објаснете ми, како ќе можам да бидам спокојна додека моето дете е надвор од својот дом, ако низ градот слободно се шетаат обвинети, докажани, амнестирани насилници и криминалци?