Српските прогресивни граѓански организации упатија протест против „глорификацијата на авторитарниот режим на Владимир Путин во Србија“. Под маската на српско-руското пријателство, медиумите со невидена помпа ја следат посетата на Путин на Србија. Според нив, оваа помпа и раскошен пречек на рускиот диктатор даваат дополнителен поттик за понатамошен пад на веќе оштетените демократски институции и на човековите права и слободи на граѓаните на Србија.
„Ја користиме оваа прилика да испратиме порака на солидарност со жртвите на политичката репресија во Русија, а особено врз активистите за човекови права и на припадниците на ЛГБТ + заедниците, кои се изложени на систематска дискриминација и разни форми на тортура и насилство” – се вели во протестното писмо.
Во писмото се наведуваат и застрашувачките „анти-геј чистки во Чеченија, што доведе до создавање на првиот концентрационен логор за геј и би мажи“.
„Освен ужасниот прогон во Чеченија, во цела Русија што е под режимот на партијата на Путин се има изразито кршење на човековите права: Руската Дума е за декриминализација на семејното насилство, ако не резултира со сериозни телесни повреди, припадниците на институциите сурово се противат на било каков вид на слободно здружување, додека опозицијата се заплашува на различни начини“ – се вели во протестот.
Фактот дека 1992-2019 во Русија се убиени 58 новинари, доволно зборува за перспективите на слободата на медиумите ако Путиновата Русија е модел за Србија.
Уште од 2012 година, организациите за човекови права, кои примаат средства од странство, во Русија се означени како „странски агенти“, а од 2017 година оваа квалификација е проширена на медиумите финансирани од странски извори.
„Овие мерки имаат огромна поддршка меѓу српските националистички и популистички сили и редовни се повиците кон властите вакви мерки да се спроведат и во Србија“ – се вели во протестното писмо на српските граѓански организации.
Преземањето на содржините не е дозволено.