Фестивалот Статуафест- Интернационален уличен уметнички фестивал за живи статуи, ќе се одржи на 14ти и 15ти септември, на улица Македонија, со почеток од 18:00 часот, и ќе трае до полноќ.
Оваа година на фестивалот ќе учествуваат и светски познати артисти, како што се Ел трио ла ла ла од Барселона, артист од Украина кој воедно е и заштитното лице на фестивалот, кој ќе настапи со актот Mr. Show time, артисти од Бугарија и Србија, а од домашните артисти, ќе настапи македонската продукција Театроск, кои и се организатори на овој фестивал.
Театроск освои прво место на интернационалниот натпревар за живи статуи на фестивалот Зигет во Унгарија, со својот акт КОНТРАБАС, кој исто така ќе биде претставен на овогодинешниот уличен фестивал.
„Ние настапувавме 7 дена. Знаевме дека ќе гласа публиката, гласаа последните два дена од фестивалот и на последниот ден организаторката го соопшти името на „Театроск“ дека всушност „Контрабасот“ на „Театроск“ ја освоил првата награда од публиката. Искрено бевме во шок, и јас и Војо, и ни требаше ден или два за сето тоа да спласне и да ја прифатиме победата, и да ја донесеме овде во Скопје“, изјави Милена од продукцијата Театроск во интервју за Цивил медиа.
Покрај настапот на живите статуи, свој музички сет ќе има DJ Соња Исмаил, а концерт ќе оддржи познатата група Пепермент, на 14 септември.
Програмата за 15ти септември ќе биде поинаква, паралелно со настапот на живите статуи, музика ќе пуштаат Никола Димитров, Билјана Секуловска, Анте Попоски, Бранка Костиќ, Џабир Дерала и Иво Антов.
Главен покровител на фестивалот е град Скопје, а спонзори се Винарска винарија Тиквеш, Меана Б, Цивил, сендвичара Смајли, Пивара Скопје, МДН обезбедување, Ладна вода и Арена Рекордс.
А. Петровска