Обвинителката Лиле Стефанова која ја водеше истрагата за предметот „Империја“ на СЈО, во која осомничен е бизнисменот Јордан Камчев, денеска изјави дека очекува Обвинителстово за организиран криминал комплетно да го расчисти целиот случај „Рекет“ и оти таа ќе соработува и ќе ги сподели сите работи што ги знае.
Стефанова изјави дека не знаела за снимката што ја објави весникот „Ла Верита“ и оти денеска првпат ја видела.
– Не само што не сум знаела дека постои ваква снимка, туку сум и згрозена. Очекувам Обвинителстово за организиран криминал комплетно да го расчисти целиот случај. Јас ќе соработувам и ќе ги споделам сите работи кои ги знам, рече Стефанова.
Според обвинителката, истрагата за „Империја“ е поставена на здрави нозе, но оти со месеци е закочена поради начелното мислење кое го донесе Врховниот суд.












