Извештајот на Стејт Департментот за Северна Македонија забележува напредок во неколку полиња, поврзани со слободата на изразување и критичко мислење.
„Бројот на независни медиуми, кои изразуваат различни ставови без очигледно ограничување, продолжи да се зголемува“ – наведува Стејт Депарментот. Тие ја нотираат и слободата на интернет.
„Владата не го ограничи или наруши пристапот до интернет и не ги цензурира интернет содржините. Немаше извештаи дека владата ги следеше приватните комуникации преку интернет без соодветно правно овластување.“- се вели во извештајот.
Во него посебно се издвојува Колективниот договор потпишан помеѓу Независниот синдикат на медиумите со државната новинаска агенција МИА, преку кој се гарантира 36 часовна работна недела, платена прекувремена работа, заштита од произволно отпуштање од работа и загарантирана слобода на изразување.
На крајот, покрај другите нотирани слободи, извештајот заклучува дека немало ограничувања од страна на владата за академската слобода и културните настани.