„Има слобода на говорот, ние кои сме од помалите средини го приметуваме тоа, без пардон. Јас сум автор на дневна двочасовна радио емисија и емисијата има минимална цензура, а истото им го дозволувам и на гостите кои се директни учесници во изданијата“, изјави Душко Стефанов, медумски работник во Радио Галакси 2002 од Кавадарци.
Со Стефанов разговаравме за слободата на медиуми, слободата на изразување, притисоците врз медиумските работници, како и за потребите на медиумите за да останат самостојни и слободни.
„Слабата цензура, значи автоцензура. После 20 годишна километража во медиумите претпоставувам дека актерите не дозволуваат да имаат силни или помали цензури, бидејќи генерално им е испитан теренот, а знаеме дека медиумскиот терен тешко или бавно се менува. Автоцензура се применува само кога внимаваме да не се повредат некои чувства на одредени групации, да не се навредат“, изјави Стефанов зборувајќи колку медиумите си дозволуваат слободно да се изразуваат.
За притисоците од политичките и бизнис центри на моќ, Стефанов рече дека можеби затоа што води програма со забавен карактер, досега немал никакви искуства со притисоци од било која страна.
„Јас доаѓам од централна Македонија, односно од Кавадарци каде што има околу 30-40 илјади жители и генерално секој со секого се познава директно или индиректно, и понекогаш да не повредите некоја суета ќе премолчите нешто. Не дека ќе има последици од некаков карактер, туку да не влезете во некои дуели и расправии, и едноставно да си обезбедите мир во медиумскиот простор“, истакна Стефанов.
„Се случува некогаш да ми се јави некој и да ме замоли да тргнам одредена песна да не оди на етер. Не би го нарекол тоа цензура, туку правиме поместувања и одиме со таа песна или музика во подоцните термини или посебни емисии за андерграунд музика“, дополни тој.
Џабир Дерала
Обработка на текст: Дехран Муратов
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Ермин Климента