Соња Стојадиновиќ од граѓанското здружение „Солидарност“, во разговорот за ЦИВИЛ Медиа зборува за социјалната правда во Македонија, со посебен осврт на работничките права во велешкиот регион, со посебен акцент на состојбата во странската инвестиција – фабриката „Дрекслер-Маер“.
„Социјалната правда одамна е убиена! Ако не постои социјална правда, тогаш значи дека немаме право на нормален и достоинствен живот, а тоа значи дека сме – модерни робови“, тврди Стојадиновиќ.
„За состојбата со работничките права , конкретно, можам да зборувам за странската инвестиција ‘Дрекслер- Маер’. Можам да кажам дека Велес беше индустриски град, но со економијата и транзицијата, стана печалбарски град. Дури беше познат еден период и по мафијата која функционираше во Германија, создадена затоа што економијата на градот пропадна во транзициониот период“, вели Стојадиновиќ, која ни потенцираше дека, иако се работи за инвестиција во Кавадарци, сепак, голем дел од вработените се од Велес и тие се соочуваат со исти проблеми.
„Правото на достоинствен живот е неделиво со правото на живот во чиста еколошка средина. Најранливите категории на луѓе се најлесно таргетирани од урбаната и бизнис-мафија и од криминалците на власт. Полесно е да се направи депонија како пример на еколошко загадување, во средина кадешто живеат социјални случаи и кадешто луѓето немаат средства ни да се борат за својот живот – а не за животната средина, отколку во некои скапи населби. Правото на социјална правда и правото на достоинствен живот се исто важни, како и правото на чиста животна средина“, е ставот на Стојадиновиќ.
Марија Теговска
Камера: Дехран Муратов
Монтажа: Ермин Климента
Интервјуто е дел од проектот „Општество без граници“, што ЦИВИЛ – Центар за слобода го спроведува со поддршка од германската Фондација „Хајнрих Бел“. Цел на проектот е промовирање и едукација на граѓанките и граѓаните на Македонија за „Граѓанската повелба“, глобален документ за унапредување на граѓанските права и на активното учество на граѓаните во процесите на одлучување.