„Со аргументи и вистина против говорот на омраза“ е настан во организација на ЦИВИЛ – Центар за слобода, чија цел е разобличувањето на говорот на омраза и негово санкционирање. Настанот ќе се одржи денеска, (28 март), во хотел Сити Парк со почеток во 12:30 часот.
И во овој предизборен период Северна Македонија се соочува со една тажна и брутална слика на реалноста, каде наместо аргументи и вистина, јавниот простор е исполнет со жестоки обвинувања, навреди, лажни вести, дефокусирање на јавноста и многу говор на омраза. Негативната кампања чија цел е да се дискредитира противникот се чини стана пракса за изборните процеси во земјата.
Во време кога граѓанките и граѓаните се жедни за вистинска политичка дебата, лишени од личните навреди, закани, уцени и говор на омраза, се наметнува потребата од една сеопфатна дискусија за отфрлање на ваквата реторика и враќање на акцентот на аргументите и вистината.
Токму на оваа тема, како аргументирано и вистински да се бориме против говорот на омраза, ќе говорат активистката Мерсиха Смаиловиќ, новинарката Кристина Озимец и комуникологот Сефер Тахири. Модератор на дискусијата ќе биде Дехран Муратов од ЦИВИЛ.