Само во гостиварскиот и во тетовскиот регион, од почетокот на годината, се забележани 11 случаи на „заталкани куршуми“, од кои, за жал, едно малолетно лице го загубило животот, две лица би ле повредени, имало оштетени возила…
За жал, во Македонија и свечености, радосни моменти во секојдневието на граѓанките и граѓаните, завршуваат со повредени лица или со загубени човечки животи!
Во постојаната борба против култот кон оружјето и слободата да се практикува за свечени поводи, (од веридби и свадби, крштевки, сунети…, преку, „дете се родило, матурирало, дипломирало…“, до прослави на изборни победи…) МВР за жал, останува недоволно гласно. И, барем, колку што е познато во јавноста, без поконкретни мерки за спречување на случаите на пукање од огнено оружје – „за сите да чујат и да знаат“…
Пред неколку години, од заталкан куршум загина момче од Гостивар. МВР не го пронајде виновникот. Но, ЦИВИЛ и други граѓански организации беа гласни и апелираа до јавноста да се престане со негување на култот кон оружјето и со праксата на славеничко пукање.
ЦИВИЛ, како организација која е дел од Меѓународната акциона мрежа за борба против нелегалното оружје, тогаш препорача домаќините и организаторите на семејните веселби да ги заменат пиштолите и куршумите со легални начини на одбележување на настанот, како што се огнометите, но ракувани од квалификуван персонал. Исто така, ЦИВИЛ потсети дека славеничкото пукање е забрането со закон и е дел од традиција која им припаѓа на минатите векови. Куршумите не се средство за комуникација со кое соседството се информира за радосната вест.
Истите правила, истиот закон важат и денеска во Македонија. Ситуацијата не е променета… Се пука!
Џабир Дерала од ЦИВИЛ смета дека МВР не е единствената институција што може да придонесе во контрола на оружјето и за намалување на последиците од истото.
„МВР може да преземе подобри и подинамични мерки за сузбивање на употребата на нелегалното оружје, меѓутоа, тука се повикани и други институции кои би требало да се вложат во оваа, сепак, долготрајна акција во општеството, за да се надмине култот кон оружјето, да се надмине насилството и склоноста, мотивите да се поседува нелегално оружје и истото да се злоупотребува… ЦИВИЛ, како дел од Меѓународната акциона мрежа за борба против нелегалното оружје, се обидува да им помогне на институциите и на општеството да го согледаат ризикот од ваквата нелегална активност. Меѓутоа, во ова треба да се вклучат и медиумите, како и неколку ресори во Владата – културата, образованието, но и локалните самоуправи, кои директно можат да придонесат во едукација и јакнење на јавната свест. Не само за последиците од поседување на нелегално оружје и негово користење, туку, вклучително и од поседување и на легалното оружје, ако се користи на на прослави или јавни собири, па дури и на погреби“, изјави Дерала.
Илустративен пример за чувството да се биде дел од прослава, a од секој агол те демнат куршуми, е колумната на новинарката Арбана Ќерими, објавена во ЦИВИЛ во 2015 година.
„Не можам да сфатам до кога на свадбите во Македонија луѓето ќе се веселат на ваков начин. Во лето да поминеш низ Чаир, местото каде што живеам, е како да шеташ по бојно поле. Речиси секој ден има свадби. И секој ден, истрели од огнено оружје“, пишуваше Ќерими.
МВР можеби и води кампањи, презема акции, но тие очигледно не се доволно видливи и не се доволно ефективни. Неодамна, Министерството излезе со информација дека само во гостиварскиот и во тетовскиот регион, од почетокот на годината биле забележани 11 случаи на заталкани куршуми. Освен оштетени возила, две лица поминале со повреди и, за жал, едно малолетно лице го загубило животот.
Како предупредување, во пресрет на референдумот, но и на изборите во 2019 година, ЦИВИЛ апелира МВР да преземе конкретни мерки и да воведе строги санкции за употребата на оружје како дел од изборните прослави.
Биљана Јордановска